Книга: „Ракописот од Акра“ – Пауло Коелјо

Книга: „Ракописот од Акра“ – Пауло Коелјо

Книга: Ракописот од Акра – Пауло КоелјоПауло Коелјо има преживеано сè и сешто. Дел од тинејџерските години ги поминал во болница за ментално здравје затоа што неговите конзервативни и строги родители сметале дека таму му е местото поради интровертноста и желбата да се занимава со „никаква професија“ како пишувањето. Потоа се приклучил на хипи движењето и патувал низ целиот свет, пред да се посвети на пишувањето музички стихови. Неговиот сон сепак бил да стане писател, кој почнал да го реализира откако, како што вели тој, духовно се свестил. Инспириран од сето она што му се случувало, денес пишува за теми од секојдневниот живот и тоа на сосема едноставен и разбирлив начин, што го прави еден од најчитаните и највлијателните писатели на денешницата.

„Ракописот од Акра“ е неговиот најнов бестселер. Тој се разликува од повеќето негови дела затоа што не содржи класично дејство со заплет и расплет, односно некаква приказна која ќе ги пренесе идеите на авторот. Наместо тоа, книгата е конципирана како прашања и одговори. Сè се случува во предвечерието на крстоносниот напад врз Ерусалим кога жителите на градот, свесни дека не можат да го одбијат нападот на моќните војски, се собираат на плоштадот и дискутираат со еден Копт за бројните животни дилеми. Тие му поставуваат прашања за љубовта, пријателството, непријателството, немирот, сексот, лојалноста, а тој им одговара на прашањата едно по едно.

Коптот е лик кој патувал по светот собирајќи мудрост пред конечно да се скраси во Ерусалим. Имајќи го предвид неговиот животен пат, не е спорно дека тој е самиот Коелјо кој во своето дело ги изнесува своите искуства и гледишта за поставените прашања. А, тоа што жителите на Ерусалим ги поставуваат прашањата во време на исчекување на воен напад, може да се сфати како повик за помош во моментите на неизвесност и напнатост пред да настапи некоја нова животна реалност.

Коптот ги излага своите ставови во тој амбиент на мачнина и помирување со суровата реалност, а секое од нив наликува на филозофска расправа. Напишани се така што ќе ги разбере секој читател без многу да го напрега мозокот, но иако лесни за читање, ставовите на авторот не се истресени од ракав. Напишаното не е некоја негова шпекулација за животната реалност, туку е конвенционалната психологија преџвакана од негова страна и пренесена на супер разбирлив стил, проткаен со мистичноста карактеристична за неговиот магичен реализам.Книга: Ракописот од Акра – Пауло КоелјоКритичарите често го критикуваат Коелјо поради неговиот стил на пишување кој лесно допира до секаква публика, а оние циничните велат дека него го читаат дури и луѓе кои претходно немале прочитано ништо друго. Во „Захир“, една од неговите претходни книги, тој изнесе аргумент дека кога пишувал на повисок стил критиката го почитувала, но книгите не му биле читани, но менувањето на стилот за да биде поразбирлив и да може да ги пренесе своите идеи му донеле читаност, но и непопуларност кај „оние што мислат дека мора си неразбирлив за да бидеш добар писател“. Овој пат останува доследен на својот став со тоа што „Ракописот од Акра“ ја направил многу лесна за читање. Таа е за наменета за широка публика, така што може да ги остави незадоволни љубителите на потешки книги напишани на повисок литературен стил.

Ако сте прочитале и претходно нешто од него, ќе ви биде јасно за што се работи ако кажам дека оваа е слична на „Прирачник за воинот на светлината“ и кратките приказни кои често ги објавува на неговиот личен блог. Полна е со реченици кои може да се издвојат како убави цитати за кои постои ризик со нивното читање набрзина и толкување вон поширокиот контекст, да дојде до многу површни заклучоци во врска со темите кои ги третира. Како што веќе спомнав, ако психолог или филозоф почне да ви ги објаснува овие теми ќе добиете слични договори, само без мистичната терминологија. Книгата во кратки црти дава доста добар увид во психолошкиот и спиритуалниот аспект на темите кои ги разработува.

Коелјо и порано зборувал за истите овие работи во своите дела, а овој пат целата негова филозофија ја сумирал во една книга. Таа сигурно ќе им се допадне на неговите фанови. Ако сакате да читате за разликите меѓу она што ѝ треба на човечката душа и она што се смета за нормално, а кое истовремено не бара голем напор, ова е идеално четиво за вас.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар