Книга: „Мокингџеј“ – Сузан Колинс
Мокингџеј е последниот дел од феноменалната трилогија на Сузан Колинс и од многу причини е сосема различна од претходните два дела. Успеа да ја подели публиката на оние кои сметаат дека првите два дела се многу подобри и дека на трилогијата ѝ е потребен различен завршеток и оние кои сметаат дека третиот дел е подобар од првите два дела заедно, меѓу кои сум и јас. Се покажа дека Колинс е мајстор за фикција, но и за бруталност, а Мокингџеј на некој начин го потврдува тоа и барем мене не ми остави простор ниту да помислам дека крајот би можел да биде поинаков. Во војна никој не е сигурен – тоа е пораката на Колинс.Кетнис Евердин успеа да преживее уште една арена – „Кварталот на задушување“ во којашто Капитол ја испрати заедно со победниците од претходните игри за повторно, заедно со Пита да се борат до смрт за своите животи. Но правилата на играта се менуваат, Кетнис е извлечена во последен момент од арената, Пита е киднапиран и малтретиран во Капитол, а реонот 12 е изгорен до пепел. Искрите на бунтовништво кои ги предизвикаа, сега се претвориле во вистинска војна во која на големо неверување на сите, своја улога зазема реонот 13 – областа за која сите сметале дека била целосно уништена од страна на Капитол.
Кетнис наскоро открива дека причината зошто сè уште е жива и покрај сите шанси против неа, лежи токму „под“ реонот 13 каде што се сели заедно со неколкуте преживеани од реонот 12, меѓу кои нејзината сестра и мајка ѝ, Гејл и Хајмич. Жителите на овој реон со години биле присилени да живеат под земја каде што успеале да се развијат до степен на којшто е развиен Капитол и сега се спремни да возвратат на неправдата која им била нанесена години наназад. Всушност, сите реони веруваат дека Кетнис е нивниот „Мокингџеј“ – симболот на револуцијата која може да ги бодри во суровата и брутална борба против Капитол. Но она што револуционерите го забораваат е тоа дека нивната млада хероиња се бори со свои сопствени демони и живее само за да ги исполни своите две последни цели: да го спаси Пита и да го убие претседателот Сноу. Веќе споменав дека „Мокингџеј“ е сосема поинаква од првите два дела и набрзо сфаќате дека Колинс не ве припрема за среќен крај. Книгата е мрачна и полна со бруталности, а убиствата се посвирепи отколку во озлогласените арени. Непријателите се скриени и наскоро дознавате дека претседателот Сноу не е единствениот злобен лик во целата приказна. Кетнис конечно е само 17-годишна девојка која мора да преживее во тој хорор и потклекнува пред слабостите и сфаќа дека без разлика на тоа како ќе заврши војната, нејзиниот живот никогаш повторно нема да биде нормален.
Книгата е толку комплетна, но морам да признаам, и малку конфузна и тешка за читање, што не може да се долови сè она што ќе го чувствувате додека ја читате. Не изостануваат психолошките моменти кои додаваат на тежина ниту пак вистинската фикција која ќе ги задоволи вљубениците во овој жанр. „Мокингџеј“ открива нови длабочини и не се надевајте на „хепи ендинг“ затоа што Колинс е тука да ви раскаже за една сурова, алтернативна реалност кон која светот би можел да се насочи доколку не внимаваме.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
malce kasno ama ok e
добра книга, топло ја препорачувам 🙂