Книга: „Ледената принцеза“ – Камила Лекберг
Скандинавската литература изобилува со феноменални трилери и крими-романи, а делата на Камила Лекберг се вистински бисери меѓу нив, високо рангирани на листите и светски познати бестселери. „Ледената принцеза“ – нејзиниот прв роман издаден во 2002 година, одлично примен од публиката и со феноменални критики – претставува успешен почеток на нејзината кариера како писателка која продолжува да се движи само по нагорна линија. Оценета како дело од кое запира срцето, но истовремено и ја грее душата, оваа книга е вистинско уживање за сите оние кои сакаат добри трилери.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Приказната е сместена во Фјелбака, приморско скандинавско гратче со сиот свој шарм на мало место во кое секој знае сè за секого, каде што Ерика, нашата главна хероина, се враќа назад после смртта на нејзините родители. Додека се бори со тагата и осаменоста во големата куќа во којашто растела како малечка, Ерика мора да се соочи со уште еден шок, смртта на Александра, нејзината најдобра другарка од детството. За да биде трагедијата уште поголема, токму Ерика е таа што меѓу првите го пронаоѓа мртвото тело на Алекс во нејзиниот дом, замрзнато во када со пресечени вени.
Борејќи се со првичниот шок, Ерика се труди да разбере како нејзиниот живот можел да заврши толку погрешно особено откако доказите укажуваат на тоа дека всушност се работи за убиство, и дека животот на убавата Алекс бил далеку од онаа совршена слика за којашто сите знаеле. Нејзината перфектна надворешност, но и потребата да ги држи на дистанца сите луѓе околу неа воопшто не ги олеснува околностите, па Ерика добива впечаток дека целиот живот на Алекс е една голема мистерија која започнува со денот кога нејзиното семејство се отселува од малиот град кога тие две имаат само 12 години.
„Убава, сталожена, перфекционист во душата. Оние што не ја познаваа веројатно може да ја доживеат како надмена, со оглед на тоа дека не ги пушташе лесно луѓето во својот живот. Алекс беше личност за која човек требаше да се бори.“
Природната љубопитност за еден писател како Ерика во комбинација со заедничкото минато и спомените од нивното детство ја присилуваат да почне да истражува, но наскоро сфаќа дека можеби и не е подготвена да ја дознае вистината. Заедно со полицаецот Патрик, воедно и нејзина младешка симпатија, Ерика навлегува во животот на Алекс и нејзиното семејство, за наскоро да дознае дека тајната која ја уништила вклучува многу повеќе луѓе. Сфаќа дека нејзината резервираност не била избор туку единствен начин да се заштити од ужасите низ кои поминувала.
Книгата не е само типичен, брз и напнат трилер, туку богата приказна која длабоко навлегува во човечката психа, копа по најмрачните мисли, но и ни го плеска в лице еден од најголемите стравови – стравот од осудување и изложеност на мислењето на другите. Понекогаш, опсесијата да ги скриеме скелетите што подлабоко во плакарот ги прави уште поголеми и потешки за сокривање, но најболно е кога потребата да се заштитиме од срамот ја надминува потребата од тоа да ги заштитиме најблиските. Всушност, кога би ги занемариле убиствата и сплетките кои го подигаат адреналинот како и во секој добар трилер, „Ледената принцеза“ во својата суштина го крие мизерниот живот на луѓето во осудувачка, мала средина.
„Омраза, завист, алчност и одмазда – сето тоа скриено под еден голем капак, што е направен од општиот став – што ќе речат луѓето. На целото зло, на ситничарењето и на злобата им е дозволено да бујат во мир под површината што секогаш мора да биде добро светната.“
Се препознавте малку, нели?
Морам да признаам дека уживав во динамиката на книгата, особено во живите описи на некои навидум банални ситуации, но баш тие моменти ја прават книгата вистинско ремек-дело. Секој лик го запознавате суштински и секој еден од нив ви останува врежан во глава заедно со неговата животна приказна. Камила Лекберг успева да повлече толку споредни, но и важни прашања без премногу да го оптовари главното дејство и на тој начин создава еден навистина богат трилер.За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар со вашето име и презиме, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест. Имате време до вторник, 17 септември 2013.
Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.