Книга: „Ќерката на Сиена“ – Марина Фиорато

Книга: „Ќерката на Сиена“ – Марина Фиорато

Во срцето на Тоскана страстите се вжештуваат, а желбата за власт и моќ поттикнува многу интриги и валкани игри…

Книга: „Ќерката на Сиена“ – Марина Фиорато

Секоја година во Сиена, Тоскана, се одржуваат две коњски трки „Палио“. Овој пат трката не е само натпревар помеѓу дистриктите туку многу, многу повеќе од тоа. Впрочем, августовската трка „Палио“ во 1723, ќе покаже дали плановите на деветте здружени семејства ќе успеат и дали војвотката ќе ја загуби својата власт во Сиена. Ако во 1230, Фирентинците фрлале тела на магариња надевајќи се дека труповите ќе предизвикаат чума и помор, тогаш како да се интерпретира трупот на пцовисаното магаре фрлен преку ѕидот на Камолија?


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Сиена, 1723. На вториот ден од пеколно-жешкиот јули се одржува првата коњска трка „Палио“ за таа година. Страстите се разгорени. По цела година подготовки, десет натпреварувачи со своите десет коњи од десет градски контради ќе си ги одмерат силите. Секој сака победа, секој го посакува победничкиот трофеј. Луѓето незапирливо навиваат. За само неколку отчукувања на срцето и ќе се знае победникот. Меѓу многуте граѓани собрани на големиот плоштад, само една девојка не навива туку тивко и од сè срце се моли нејзиниот свршеник да загине во трката.

Таткото на прекрасната Пија ја дава ќерка си, за нејзино огромно изненадување, на синот на Фаустино. Ја предава на своите дотогашни противници, на нечесното семејство од контрадата Орел. Пија ќе послужи како средство за склопување договор за идна соработка меѓу двете семејства. Да, нејзините молитви ќе се исполнат и злобникот Виченцо загинува во трката, но нејзиниот хорор нема да престане тука.

По погребот на Виченцо, се спрема свадбата на Пија и помладиот син на Фаустино кој е пострашен дури и од неговиот брат. Затоа во плакарот на Пија стојат два фустани. Едниот црн, а другиот бел. „Црниот за утре, белиот за задутре.“

Втората „Палио“ трка треба да се одржи наредниот месец. Во меѓувреме сојузниците од деветте дистрикти тајно се состануваат и кројат злобни планови за да ја симнат војвотката Виоланте од тронот во Сиена и да ја преземат власта во свои раце.

Но Виоланте е паметна жена. Таа знае дека нешто е гнило во нејзиниот град, па формира мал сојуз за спасување на Сиена од птиците грабливки. Рикардо Бруни, коњаникот кој на „Палио“ се натпреваруваше за својата контрада Кулата, одлучува да застане на страна на војвотката. А добиваат помош директно од замокот на Орелот, од снаата на Фаустино, убавата Пија.

Додека траат сите тие збиднувања, во центарот на смртоносното ривалство, забранетата љубов меѓу Рикардо и Пија сè повеќе се разгорува.

На што сè се подготвени деветте сојузници за да добијат власт и моќ? Дали може да се стигне до незаслужена власт без валкани интриги и нечесни игри? Што прават оние кои изгубиле памет од жедта за сила и авторитет? Какви мрачни тајни крие владејачкото семејство Медичи и која е суровата лага која пред 20 години целосно ѝ го променила животот на добрата војвотка Виоланте?

Дали и Пија ќе ја снајде истата судбина како и нејзината имењачка опишана во чистилиштето на Данте?Книга: „Ќерката на Сиена“ – Марина ФиоратоВласт, моќ, пари, гревови и нечесни игри. Човечкото ненаситно око секогаш бара повеќе. Како љубовта би победила во тешкото ривалство создадено од оние желни за владеење? Книгата ме остави без зборови. Спаѓа во оние дела кои не можете да ги оставите да мируваат бидејќи силно ве јаде неизвесноста за тоа што ќе се случи потоа. Во тие неколку дена и јас живеев во XVIII век. Навивав за љубовта на Пија и Рикардо. Останував без здив додека ја следев тешката борба против нечестивите. Сочувствував со несреќната Пија која припадна во рацете на еден ѕвер и заедно со војвотката кроев планови за спас на градот. Да, ова е книга која ќе ве обземе целосно и ќе ве направи дел од случувањата во срцето на Тоскана.

Фиорато е неверојатна писателка. Влијанието на Шекспировите драми врз нејзиното творештво е видливо, но сепак гради сопствен стил. И таа исто како и Шекспир ќе искористи еден од италијанските градови како место на случувањето и преку своите ликови во реално светло ќе ги прикаже негативните човечки особини, ставајќи акцент врз мрачните тајни кои обично се кријат во познатите и богати семејства. Ќе ги одгатне тајните симболи на секоја контрада претставени преку животното чие име го носи контрадата. Се осврнува на братоомразата, хомосексуалноста, криминалот, убиствата и силната желба за власт кои резултираат фатално. Една од темите е и положбата на жената во општеството во тоа време и правата на сопственост врз неа кои мажот ги уживал.

Ме понесе деталното раскажување на авторката, никогаш претерано, а секогаш прецизно. Пред да се одлучам цврсто да ја обожувам книгава, на мене влијаеше и историската прецизност, места и симболи кои навистина постојат, факти кои се непобитни, поврзаност на ликовите со други ликови од историјата и загатките со скриено значење. Ја препорачувам како ниедна друга книга досега.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до вторник, 8 октомври 2013.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини