Книга: „Да можеш да ме видиш сега“ – Сесилија Ахерн
Топла и мудра приказна, одлично раскажана, која со малку магија ќе ве натера никогаш да не изгубите верба…
Откако се прослави со своето првенче „П.С. Те сакам“, ирската писателка Сесилија Ахерн во неколку наврати им ги стопли срцата на своите читатели. Љубителите на загадочни приказни раскажани од срце, со сигурност ќе уживаат читајќи уште еден бестселер. Денес ви ја претставувам приказната за Елизабет Еган.
Елизабет е успешна жена која, живеејќи во мало место каде многу се знае за историјата на нејзиното семејство, дава сè од себе да ги има работите целосно под своја контрола. Сè во нејзиниот живот има свое место, нејзината куќа е беспрекорно уредена, кујната блеска, а дури и филџаните за еспресо си го знаат своето место. Всушност опседнатоста со контрола ѝ ги држи мислите настрана од нејзиното болно детство.
Мајката на Елизабет често исчезнувала барајќи излез од малото место кое ја гуши. Кога за последен пат си заминала од семејната куќа, ја оставила Елизабет да се грижи за својата малечка сестра и да живее со татко кој е емоционално оддалечен од неа бидејќи ужасно го потсеќа на жената која го напуштила.
Дури и кога Елизабет ќе ја пронајде љубовта на својот живот, воедно станувајќи доста успешна на професионално поле, еден телефонски повик од нејзината сестра Саорис е доволен да ја врати засекогаш во родното место, дозволувајќи да пропадне сè она што со труд го градела. Овој пат Елизабет се согласува да се грижи за малечкиот Лук, синот на Саорис, која, следејќи ги стапките на мајка си, исчезнува од животот на своето дете. Дивата црвенокоса Саорис отсекогаш била навикната да си заминува од кашата која ја создала, знаејќи дека нејзината постара сестра ќе се погрижи за сè што остава зад себе.
Но, животот на младата Елизабет добива сосема нова димензија кога нејзиниот внук Лук ќе почне да се дружи со својот замислен пријател Иван. Зошто возрасните не можат да го видат Иван? Здодевни се и не им работи имагинацијата. А зошто не го сакаат Иван? Бидејќи мора да постават чинија и за него, оставајќи дел од храната да биде залудно фрлена. Кутриот Иван, не може да јаде кога возрасните постојано се ѕверат во него очекувајќи да изеде сè…
И сето тоа е во ред. Елизабет се однесува како и секој друг родител. Пребарува статии на интернет за замислениот пријател на своето дете и чита совети од експерти. Сè до еден ден кога и таа ќе почне да го гледа Иван.
Дали Иван ќе ѝ помогне на Елизабет да го пронајде детето во себе? Дали ќе всади надеж во срцето на една личност која искрено посакува повторно да љуби? Како Иван ќе ги промени животите на Елизабет и Лук и дали ќе може засекогаш да остане со нив?
Кога почнав да ја читам книгата, признавам дека постоеше момент кога помислив да ја вратам на место, но продолжив да се запознавам со Елизабет. И воопшто не погрешив. Започнува со по малку наивно раскажување на самиот замислен пријател Иван, па доколку не сте запознаени со тоа, може да ви биде чудно. Дел од приказната ја раскажува Иван, а дел е раскажана во трето лице. Всушност, Сесилија никогаш не се одлучува за обично и здодевно раскажување. Секогаш наоѓа необичен начин да им ја пренесе приказната на читателите, како на пример преку дневник на некој од протагонистите или преку писма. Овој пат го оставила Иван да си ја заврши својата работа.
Искрено, многу ми се допадна, ми го стопли срцето и направи еден дел од мене да верува во магија. Ќе ве научи дека сè во животот е минливо, дека за секој проблем има решение и дека некогаш најважно е да излеземе од здодевноста на секојдневието обоена во „возрасни“ бои и да трчаме боси долж поле со глуварчиња, замислувајќи си желби. Не, книгата не е здодевна и во никој случај не е детска, и да, ќе ве поттикне да верувате. Од срце ја препорачувам.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
каде ја има книгава?
Македонскиот превод на книгава е во издание на „Три“, можеш да ја најдеш во нивната книжарница.
Поздрав. 🙂
Да, само што ја земав од Три. Фала 🙂
Книгава вчера ја купив и прочитав неколку страници. Кога влегов во книжарницата се мислев што да си купам, да се почастам со некоја убава книга. Кога го видов името на Сесилија Ахерн, си реков ќе ја земам. Сигурно е убава како П.С. те сакам. Се надевам не погрешив.