Книга: „Чуварите на книгата“ - Џералдина Брукс

Книга: „Чуварите на книгата“ – Џералдина Брукс

Приказна за Сараевската хагада, ракописот чија моќ да обедини ја потврдува вечната вистина: Она што нè спојува е секогаш посилно од она што нè разделува

Наслов на оригиналот: People of the book – Geraldine Brooks

Чуварите на книгата - Џералдина БруксТалентирана новинарка, но и признаена писателка, Џералдина Брукс е добитник на Пулицерова награда во 2006 година за нејзиното дело „Март“, а се потпишува и на четири други интернационални бестселери.

Родена е во Сиднеј, Австралија каде што се школувала и работела како новинар за „The Sydney Morning Herald“. Во 1982 година добива стипендија за постдипломски новинарски студии на Универзитетот Колумбија, Њујорк. Подоцна се приклучила на тимот на „The Wall Street Journal“, каде што ги покривала настаните за Блискиот Исток, Африка и Балканот.


Во периодот кога известувала за војната во Босна, како репортер на весникот, првпат слушнала за хебрејскиот кодекс чија приказна ќе биде нејзина инспирација за едно од нејзините најдобри и најпознати дела – „Чуварите на книгата“ којашто е преведена на преку 20 јазици.
Џералдина Брукс, со нејзиниот сопруг, синовите и двете кучиња живее во Масачусец, но секогаш се враќа со своето семејство во родениот Сиднеј.Чуварите на книгата - Џералдина Брукс

Синопсис

Случувањата во оваа возбудлива авантура се сместени во 1996 година во Сараево, инспирирани од приказната зад делото со непроценлива важност, хебрејскиот кодекс познат под името Сараевска хагада. Кога Хана Хит, експерт за конзервација на средновековни ракописи, ја напушта својата лабораторија во Сиднеј и заминува во Сараево – „град чии жители пред само пет минути престанале да пукаат едни на други“ – има на ум само едно нешто: познат и единствен артефакт кој наскоро ќе се најде во нејзините раце. Работејќи во средина која дефинитивно не е вообичаено место за неа, Хана наидува на раскошен и воодушевувачки ракопис кој не само што има потенцијал засекогаш да ја одбележи нејзината кариера туку и емоционално ја врзува.

Низ историските пергаменти со прекрасни илустрации, Хана открива траги кои со секој нов лист ѝ нудат нов дел од сложувалката – приказната за животите на оние низ чии раце поминала и начинот на кој вечно ги обележала. Мистеријата зад крилото од пеперутка и младата Лола од Сараево, која од девојка која сака да танцува, преку ноќ станува болничарка во партизански одред и живее во шума, бегајќи од нацистите. Пердувите и розата нè носат во Виена, дамките од вино во Венеција, морската вода во Барселона, секое поглавје е ново делче историја која прекрасно се склопува и расклопува пред очите на читателот.

Феноменална новела за ужасите низ кои поминала една од најважните историски книги, за горчливата судбина на Евреите и за надежта која доаѓа со секоја подадена рака. Но, повеќе од авантура, повеќе од приказна за историјата на еден ракопис – „Чуварите на книгата“ е сведоштво за тоа како способноста да се препознае важноста на едно дело и потребата истото да се зачува може да ги поврзе луѓето на нераскинлив начин.Чуварите на книгата - Џералдина Брукс

Лична критика

Книгава ја имам прочитано прилично одамна, но иако ми остана засекогаш врежана во срце, вториот пат кога ја читав сфатив дека токму поради тоа што, типично за мене, сум ја „голтнала“ во ден-два, при првото читање ми избегале некои фантастични моменти. Доколку ја немате прочитано топло ви препорачувам да ја земете во раце што побрзо и да ѝ го дадете должното време на нејзината феноменална содржина и комплексност, а ако веќе сте го направиле тоа можеби ќе сакате да се вратите на нејзините страници и да откриете, како и јас, некое ново, залутано делче историја.

Ги сакам книгите кои ме тераат да се изгубам низ зборовите и да заборавам на сè околу мене, но уште повеќе ги сакам оние заради кои поминувам часови на интернет истражувајќи што повеќе. „Чуварите на книгата“ е историски роман, авантура и љубовна приказна – сè во едно, а подобро од тоа не може да биде.

Ми се допадна тоа што е во обратен хронолошки правец, па Брукс многу паметно и одмерено изложува онолку колку што ни е потребно за да нè вовлече што повеќе во приказната без да нè преплави со премногу тајни, мистерии и историја. И најважно, оваа книга моќно го пренесува она во коешто длабоко сум уверена – различните култури и религии можат да се надополнат и збогатат меѓусебно на неверојатни начини.

Кога станува збор за книга за случувања на Балканот, а е напишана од Австралијанка која најголем дел од животот немала блага идеја за тоа што е војна и беда, логичен е првиот напад на одбивност. Но, не дозволувајте тоа да ве оттргне од феноменална приказна. Станува збор за интелигентен роман, со умерена доза на историски факти и особено добро исткаена авантура.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар