Кажете ни какво кафе пие вашето момче – ние ќе ви кажеме што треба да знаете за него!
Не мора да ја превртите шолјата со испиеното кафе за да дознаете каква судбина ве чека со момчето кое ви се допаѓа. Доволно е само да го викнете на кафе. 🙂
Знаете дека можете многу да процените за некое момче според тоа каков однос има со мајка му, но најновите истражувања велат дека постои врска помеѓу неговиот карактер и видот на кафето во кое најчесто ужива. Па, да видиме…
Домашно кафе – домаќински тип
Машките кои сакаат да пијат домашно подготвено турско кафе, воглавно се мажествени типови кои иако ја почитуваат жената, сметаат дека сите треба да знаат „кој коси, а кој вода носи“ во домот. На него можете да се потпрете за сите домашни машки обврски, од замена на прегорените осигурувачи до префарбување на столиците.
Еспресо – кариерист
Љубителите на еспресо немаат време за губење. Овој краток и јак кафе-пијалак им е омилен на презафатените мажи кои се првенствено фокусирани на кариерата. Тоа е тип на момче кое нема време да ужива во храната и пијалаците, па едноставно го „налева“ кафето во себе и продолжува понатаму со обврските. Со истата брзина се однесува и кон поубавата половина – нема време за освојување и веднаш преминува на главната акција.
Макијато
Мажот кој пие кафе со млеко не може да се одлучи дали сака да биде мачо во класична смисла на зборот или нежна душа која ќе им се допаѓа на жените. Таквата неодлучност понекогаш инхибира и го претвора во циник. Затоа, овие момци обично имаат потешкотии да изградат сериозна врска, но кога ќе успеат во тоа се многу пожртвувани и верни.
Инстант кафе – сестран
Црното инстант кафе е избор на модерните момци кои сакаат да се во тек со сите актуелни случувања, без разлика дали се работи за спорт, политика или за најновите научни достигнувања. Не се особено склони кон романтика, но самоуверени се. Еден од основните критериуми за долга врска им е интелектуалната компатибилност со партнерката.
Инстант кафе со млеко – сигурен во себе
Уживањето во подеднаква количина кафе и млеко укажува на емотивно урамнотежена личност која води сметка за своето тело, но не претерува во тоа. Нема да се двоуми дали да го направи првиот чекор ако е во прашање девојка која многу му се допаѓа. Сепак, смета дека тоа не мора нужно да биде „машка задача“. Ако барате маж со кого ќе имате фер однос, тој е совршена прилика за вас.
Кафе со шлаг – лежерен
Ова кафе го избираат мажите кои имаат опуштен став кон животот, не патат од преголеми амбиции, не трпат притисоци и се по малку мрзливи. Кон личноста којашто им се допаѓа ќе се однесуваат грижливо, но не се спремни претерано да се мачат за да ја освојат.
Кафе без кофеин – внимателен
Првенствено посветен на себе и на своето здравје, со блага тенденција да се претвори во хипохондрик во подоцните години, овој тип маж е во потрага по личност која е слична на него. Физичкиот изглед за него има пресудна улога при изборот на партнерка.
Проверете и како видот на кафето ја дефинира вашата личност.