Каучсурфинг – дружење и бесплатно сместување додека патувате
Каучсурфинг е заедница на луѓе кои „го споделуваат со другите нивниот живот, нивниот свет, нивниот пат“. Тоа го прават така што се спремни да го понудат својот кауч на некој патник кој не го познаваат, а кому му е потребен за да преспие и кои бараат нечиј кауч за да преспијат кога тие се на пат. И не само што меѓусебно си овозможуваат бесплатен престој додека патуваат, туку членовите на оваа прекрасна мрежа своето патување го претвораат во социјално искуство кое вклучува склопување на нови пријателства, дружење и автентично запознавање на градот и локалната култура.
Квалитети на каучсурфингот
Ова е можност за бесплатно сместување додека патувате. Концептот е сличен на случаите кога некој роднина или пријател ви е на гости и преспива кај вас. Никој, никогаш и никаде не платил ниту денар за својот престој во нечиј дом преку каучсурфинг.
Блиска средба со други култури. Тоа што ќе се сретнете со некој од локалното население ќе ви овозможи одблизу да се запознаете со културата која владее на тоа место. Хотелите и хостелите се полни со странци, а персоналот се труди да им угоди на сите преку постигнување на одредени стандарди на услугата кои честопати немаат ништо заедничко со начинот на живот на локалното население, па на тој начин нивниот краен впечаток почнува и завршува со услугата во хотелот. Но, доколку престојувате кај некого што живее таму, разговорите, раскажувањето на интересни случки од животот или патувањата, пренесувањето на анегдоти поврзани со градот ќе ви остави сосема поинаков впечаток. Дури и ако сте дома, каучсурфингот ви овозможува да се запознаете со друга култура. Примете кај вас дома странец на неколку дена и ќе почувствувате дека си имате работа со друга култура.
Можност подобро да го запознаете местото што го посетувате. Доколку немаат други важни обврски, вашите домаќини ќе ве прошетаат низ нивниот сакан град. Ќе ви ги покажат важните знаменитости на градот, но и некои кои не ги пишува во туристичките водичи. Локалците секогаш знаат каде е најевтината храна, во кој бар има најдобра забава или од која точка најубаво се гледа зајдисонцето. Овие информации веднаш ќе ви бидат ставени на располагање.
Како функционира каучсурфингот?
За да се вклучите во оваа авантура неопходно е да си направите профил на couchsurfing.com, кој е целосно бесплатен. Колку покомплетен профил направите, толку ви се поголеми шансите да најдете домаќин. Внесувате прилично едноставни работи, од типот на краток опис за себе, во друштво на каков тип луѓе уживате, вашите интереси, книги, музика или филмови кои ви се омилени итн. И ставањето на ваша слика многукратно ги зголемува шансите за успешно пронаоѓање на кауч.
Исто така, потребно е да ставите информации за вашиот кауч кој можете да им го понудите на други сурфери и колку најмногу денови може некој да престојува кај вас. Може да им понудите голем кревет, обичен кауч, душек на подот, или само подот, на кој може да се спие со вреќа за спиење и добра подлога под неа. Но, и доколку немате услови да примате луѓе дома, сè уште можете да си направите профил за во случаите кога ќе патувате. На каучсурфинг има луѓе кои примат патници и кои сурфаат, но има и такви кои само примаат патници или, пак, само сурфаат. Има и уште една категорија на луѓе на оваа мрежа, луѓе кои немаат кауч за вас, но ви се ставаат на располагање ако сакате со нив да се напиете пијачка или да ви го покажат градот додека сте сместени на друго место.
Следно што можете да направите е да си најдете кауч за вашето следно патување. На сајтот има поле за пребарување во кое ја внесувате вашата дестинација, одбирате број на сурфери за кои барате кауч и пребарувачот ќе ви даде листа на потенцијални домаќини. Од таму ги бирате оние профили кои најмногу ви се допаѓаат и им испраќате барање за да ве примат. Секогаш е пожелно да испратите повеќе барања затоа што не можете да бидете сигурни колку од луѓето што сте ги избрале ќе бидат дома или се слободни во периодот во кој сакате да ги посетите.
Барањето се состои од два дела. Во првиот се претставувате и внесувате детали за вашето патување, како на пример на која дата пристигнувате, а кога заминувате, дали сте сами или со некој друг, дали можеби ги барате за само да ви го покажат градот итн. Во вториот дел на домаќинот му кажувате зошто сте одбрале да го контактирате токму него или неа. Овој дел повеќе се однесува на заедничките интереси кои ги делите со другиот.
Доколку пак се работи за примање на гостин, добивате известување дека некој ви испратил барање на кое одговарате позитивно или негативно. Вие самите одлучувате, според ваши критериуми, дали ќе го прифатите барањето или не.
Откако ќе најдете кауч
Откако некој ќе ви одговори дека може да ве прими во определениот период, ќе почнете да се договарате за прашањата поврзани со вашиот престој. Може да се договорите дали да ве чекаат на аеродром или на станица, или да ви ја дадат адресата па вие сами да се снајдете. Може да ви речат да понесете вреќа за спиење или да ви понудат чаршафи и ќебиња. Може да ги поделат со вас сите оброци во нивниот дом или да ви ја отстапат кујната и да ви овозможат сами да си зготвите нешто. Некои домаќини ќе побараат од вас да го напуштите станот додека нема никој дома и да се вратите кога и тие ќе се вратат, а други може да ви дадат резервните клучеви. Некои ќе ве прошетаат, па и ќе ве запознаат со нивните пријатели, а други само ќе ве упатат каде би требало да одите. Секој домаќин ќе се однесува различно, во зависност од личните навики и уверувања, и секако културата на која ѝ припаѓа.
Со оглед на тоа што добивате бесплатен престој би било љубезно да се појавите со некој мал подарок. Однесете сувенир од вашата земја, шише вино или пак згответе нешто за нив.
На крај, откако ќе се поздравите, можете повторно да се логирате на сајтот и да оставите препораки за вашиот домаќин, или ако сте примиле некого, за вашиот гостин. И тие можат да остават препораки за вас. Тоа ќе им биде од корист на другите сурфери.
Безбедност
Многу луѓе се скептични околу ваквиот начин на патување поради грижата за личната безбедност. Сепак, нема место за загриженост. Дури 7 милиони луѓе ја користат оваа мрежа и немаат проблеми со безбедноста. Ако сè уште не познавате некого тоа не значи дека е лош. Секогаш сме скептични за сите оние непознати луѓе кои ги среќаваме на улица додека не ги запознаеме, сфатиме дека се добри и посакаме да ни бидат пријатели. На крајот на краиштата, секогаш можете прво да погледнете во референците пред да гостувате или примите некого.
За крај
Каучсурфингот е извонредна можност да не потрошите ниту денар за сместување кога патувате некаде. Покрај оваа организација постојат уште неколку слични, како Hospitality Club и Global Free Loaders, но Couchsurfing е онаа со најмногу членови и најголеми шанси за наоѓање кауч. Тоа дава можност не само да одите некаде и да видите некое место, туку ќе ви овозможи и да го почувствувате. Оваа мрежа е доказ дека на светот постојат многу добри луѓе и затоа не се двоумете да ги искористите можностите што ги нуди.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.