Кањони и клисури – неоткриена убавина
Кањоните и клисурите отсекогаш ги изненадувале посетителите со нивната длабока тишина, чувството на бегство од секојдневието и автентичните звуци. Затоа овие места се сметаат за природни засолништа.
Кањонот Антилопа во Аризона
Овој комплексно извајан кањон во Навахо, во близина на Аризона, е вистински магнет за туристите. Кањонот Антилопа настанал така што водата создала длабоки и искривени ходници во песочникот, а од меката карпа произлегле форми во кои се испреплетени светлината и сенките. Најдобро време за да го доживеете овој феномен е периодот помеѓу март и октомври, кога сонцето е доволно високо на небото за да блесне директно во кањонот.
Клисурата Вердон во Франција
Клисурата Вердон, која се наоѓа во областа Прованса, во Франција, не беше целосно истражена сè до почетокот на 20-от век. Клисурата длабока 2.000 метри го добила своето име според реката Вердон која поминува низ варовничките карпи покриени со зимзелени дрвја, создавајќи необична мешавина од камен и вода. Најдобар начин да ја истражите оваа клисура е да изнајмите кану, или да се движите по пешачките патеки низ специфичната флора и фауна.
Големиот кањон во Аризона
Големите карпести форми во црвена и кафеава боја се простираат во недоглед пред очите на посетителите, создавајќи една незаборавна глетка. Боите на Големиот кањон се менуваат во зависност од светлината, па така овие карпи може да добијат и темно виолетова боја. Овој кањон е создаден од водите на реката Колорадо и дава увид во историјата на Земјата.
Трите мали клисури во Кина
Трите мали клисури во областа Вушан, во Кина, се лесно достапни за посетителите. Реката Данинг, позната по зелената боја, може да се помине и преку стариот мост направен од штици кој се наоѓа во најкратката од трите клисури. Сите три клисури се дом на смарагдно-зелениот бамбус и на ретки видови птици. Бродовите кои секојдневно минуваат низ овие клисури се најдобар начин да уживате во оваа природна формација.
Кањонот Брус во Јута
Фасцинантните карпести формации се главна карактеристика на прекрасниот пејзаж што го формира кањонот Брус во Јута, Америка. Црвено-розовите карпи од далеку изгледаат како стар, разрушен и напуштен град. Во овој кањон никогаш не течела река. Тој, всушност бил формиран со ерозија, надвор од платото, поради што, личи на огромен природен амфитеатар.
Клисурата Тароко во Тајван
Клисурата Тароко е една од најпосетуваните дестинации во Тајван. Препознатлива е по стрмните карпи и бујната вегетација. Клисурата е дел од Националниот парк Тароко и е дом на многу животни, меѓу кои и црната мечка, разни видови мајмуни и над 100 видови птици. Оваа клисура, меѓу другото, изобилува и со многу топли извори, водопади, висечки мостови, храмови и светилишта.
Кањонот Вулингјуан во Кина
Кањонот Вулингјуан во Кина не е обичен кањон. Наместо карпи, овој кањон е составен од огромни и остри песочни столбови покриени со зимзелени дрвја. Вулингјуан, кој се наоѓа во провинцијата Хунан, стана првиот национален парк во Кина, а УНЕСКО во 1992 година го прогласи за светско наследство. Жичарницата на овој кањон води до неговата највисока точка од каде што може да уживате во прекрасниот поглед на пејзажот.
Клисурата Тодра во Мароко
Клисурата Тодра во Мароко се смета за една од највисоките клисури во светот. Таа е вистинско чудо на природата, создадена од мароканските планини познати како Големи Атласи. Теренот овозможува качување по планините, но доколку повеќе сакате да пешачите, додека минувате низ клисурата може да забележите како нејзините ѕидови ја менуваат бојата, во зависност од положбата на сонцето.
Бакарниот кањон во Мексико
Бакарниот кањон го добил своето име според бојата на неговите ѕидови. Составен е од шест помали кањони во областа Чивава во Мексико, кои заедно сочинуваат еден голем кањон. Кањонот изобилува со тополи и со дабови шуми. За да се разгледа целиот кањон, потребни се околу 15 часа патување со воз.
Кањонот на реката Тара во Црна Гора
Кањонот на реката Тара во Црна Гора е најдлабокиот кањон во Европа. Формиран од реката Тара, варовничките ѕидови на овој кањон се издигнуваат над 1.600 метри над реката. Реката Тара се смета за една од најдобрите реки за рафтинг. Доколку поминувате по мостот Ѓурѓевица, може да уживате не само во бистрата вода на Тара, туку и во густите и зелени ридови покрај кањонот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.