Какво влијание имаат браќата и сестрите на вашиот карактер?

Какво влијание имаат браќата и сестрите на вашиот карактер?

Иако генетиката има големо влијание на тоа каква личност сте, сепак понекогаш е тешко да се одреди кои карактеристики се генетски, а кои резултат на семејното опкружување. Односно, не е едноставно да се открие кои се вашите вродени особини, а кои сте ги стекнале од луѓето околу вас, вклучувајќи ги и членовите на семејството.

Какво влијание имаат браќата и сестрите на вашиот карактер?

Воглавно, науката сè уште е неодлучна за тоа дали вие сте личноста којашто сте поради природата или начинот на кој сте одгледани. Но, во поголем дел луѓето се продукт од двете. Споредбата на браќата и сестрите има голема улога во истражувањата на личноста. Раните истражувања во оваа област ги анализирале сличностите и разликите помеѓу близнаците кои делат 50% од гените, како и сличностите и разликите помеѓу идентичните близнаци кои делат 100%.

Кога станува збор за личните особини, истражувањата покажале дека помалку од половина од особеностите на идентичните близнаци се наследни. Но што е со браќата и сестрите чија возрасна разлика е повеќе од неколку минути?

Во овој случај најчесто помладите браќа и сестри учат од постарите и често ги прифаќаат нивните особини ако ги обожуваат. Сепак, и постарите браќа и сестри можат да научат нешто од помладите. Поважно е колку и како сте поврзани со братот или сестрата отколку кој е роден прв. Значи, сосем возможно е вашите браќа и сестри да го оформиле вашиот карактер. Но, кои се особините кои најдолго ќе ги задржите?

Браќата и сестрите можат да си ги „пренесат“ особините на 3 начини – начинот на кој ги искажуваат емоции, начинот на кој се однесуваат во социјални ситуации и навиките за јадење. Најверојатно ќе ги прифатите овие особини порано во животот. Дури во тинејџерските години ќе одлучите дали ќе ги задржите или целосно ќе ги отстраните.

Кога станува збор за искажувањето емоции, неретко браќата и сестрите ги учат и моделираат нивните начини на покажување комплицирани емоции како гнев и агресија, а дури и оние позитивните, како среќа и задоволство. Истовремено, тие учат едни од други како да реагираат и како да покажат отпор, особено во напнати или емоционални ситуации. Со други зборови, ако вашиот брат реагира импулсивно или пак вашата сестра често плаче, голема е веројатноста дека и вие ќе се однесувате исто.

Со емоционалното разбирање доаѓа и социјалното разбирање. Браќата и сестрите имаат голема улога во тоа како гледате на врските и како комуницирате со другите личности, без разлика дали е тоа пријател, член на семејството или партнер. Често прифаќаме шеми на социјализација од постарите браќа и сестри во групните интеракции, како и во интеракциите со родителите и роднините. Овде спаѓаат и физичките аспекти на социјализирањето како прегрнувањето, бакнувањето и поздравувањето.

Браќата и сестрите влијаат на вашите социјални навики, и тоа до најмали детали. Иако можеби не сте размислувале за ова, голема е веројатноста дека одбивноста на сестра ви кон моркови или љубовта на брат ви кон палачинки го оформиле вашиот вкус за храна. Овие мали нешта често се резултат на примерот од браќата и сестрите.

Редот на раѓање не е главен одредувач на вашиот карактер, но има некоја улога. Односно, фасцинирачки е колку тоа има влијание на личните особини. Посериозни и склони кон контролирање се постарите браќа и сестри.

Средните деца за разлика од најстарите, обично се помалку интензивни, најчесто поради сериозноста на постарите. Во семејствата каде што има две или повеќе „средни“ деца, голема е веројатноста тие да бидат најслични и да имаат најсилна врска.

Ако сте најмали, тогаш имате предност. Најмладите се на позиција од којашто можат да одбираат особини од сите постари браќа и сестри. Најчесто ова е така бидејќи имале можност да набљудуваат и да ги забележат и позитивните и негативните особини на нивните браќа и сестри. Спротивно на популарното верување дека најмалите деца се разгалени, тие често развиваат емпатија, одговорност и многу полесно простуваат.

Без разлика дали сте најдобри пријатели или целосно спротивни, луѓето со коишто сте пораснале го оформиле начинот на кој се однесувате, желбата за храна и сè помеѓу. Дали сте се одлучиле да ги прифатите или не овие особини, зависи од вас. Но дури и ако не ви се допаѓа нивното однесување, заблагодарете им се бидејќи биле пример за нешто што не го сакате. На некој начин, тие ви биле водичи.

Погледнете на кој начин вашите браќа и сестри ве прават посреќни личности.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар