Каква е поврзаноста помеѓу очекувањата и превенцијата на рак?
На почетокот од секоја нова година, луѓето обично сакаат да направат промени и си поставуваат нови цели со цел да го извлечат најдоброто од себе. Сите ние развиваме одредени надежи и очекувања за тоа што ќе ни донесе иднината, особено ако сакаме да почнеме со редовно вежбање и здрава исхрана. Според тоа, нашите очекувања честопати се поврзани со нашето здравје. Најновите истражувања покажале дека очекувањата имаат директно влијание на превенцијата и терапијата за рак.
Психолозите истражиле како луѓето носат одлуки поврзани со превенција на одредени заболувања (како на пример, ставање крема со заштитен фактор) и колку сериозно го сфаќаат ризикот по нивното здравје, за колку сериозна ја сметаат болеста од која сакаат да се заштитат и каква е нивната перцепција за општествените норми кои налагаат преземање одредени превентивни мерки. Тие исто така го истражиле влијанието на одредени лекарски препораки за преземање мерки за превенција. Освен тоа, тие сакале да дознаат како луѓето очекуваат дека ќе се чувствуваат по преземените превентивни мерки.
Улогата на очекуваните емоционални реакции била особено видлива во случајот на земање лекови за хемопревенција, како што се тамоксифен и ралоксифен, од страна на жени кои се изложени на поголем ризик од рак на дојка. Жените ги одбегнувале овие опции не само поради тешките несакани последици од лековите, туку и поради тоа што сметале дека ако ја примаат оваа терапија подолго време, нема да се ослободат од грижата дека постои можност да заболат од рак, туку само ќе си го зголемат стресот и нервозата.
Со цел да се испита оваа појава, психолозите интервјуирале неколку жени во постменопауза кои биле изложени на поголем ризик од рак на дојка и земале лекови за хемопревенција. Тие ги прашале какви биле нивните очекувања во однос на тоа како ќе се чувствуваат по земањето на лековите. Поголемиот дел од жените не очекувале дека терапијата со лекови за хемопревенција ќе им помогне да се ослободат од стресот предизвикан од грижата за сопственото здравје. Освен тоа, кај жените кои имале негативни очекувања околу тоа како ќе се чувствуваат постоеле помали шанси дека ќе останат доследни на терапијата во текот на наредните 3 месеци.
Во едно друго слично истражување, биле испитани очекувањата на пациентите болни од рак поврзани со веројатноста да ги доживеат несаканите последици од терапијата како што се мачнина, болки, исцрпеност и повраќање. Се открило дека очекувањата го предвидуваат степенот до кој пациентите навистина ќе ги почувствуваат несаканите последици. Поврзаноста помеѓу очекувањата и вистинските искуства е многу силна. Кога очекувањето ќе биде потврдено со доживувањето на одреден симптом, тоа поттикнува понатамошно верување во сите останати претскажувања што се јавуваат несвесно и ненамерно.
Ова се примери на случаи кога негативните очекувања ги попречуваат позитивните резултати. За жал, нашите очекувања честопати се погрешни и субјективни. Ако се фокусираме само на стресниот аспект од идните ситуации, нема да можеме да дејствуваме разумно. Не треба да донесуваме одлуки врз основа на тоа како очекуваме дека ќе се чувствуваме, бидејќи тоа може да биде многу погрешно. Можеби тоа што постојано ги очекувате несаканите ефекти од лековите што ги земате се до некаде оправдани, но тие имаат многу поголемо влијание на крајните резултати одошто мислите. Ваквите очекувања се толку моќни што можат да доведат до негативни последици, дури и да нема основа за тоа. Оваа појава се нарекува ноцебо ефект, што е спротивно на познатиот плацебо ефект.
Постојат и многу примери каде позитивните очекувања придонеле за постигнување одлични резултати кога станува збор за заболувањата од рак. На пример, луѓето кои го победиле ракот во детството и имале позитивни очекувања за тоа како ќе се одвива нивната болест, биле физички и психички поздрави од оние кои имале негативни очекувања.
Била спроведена и лонгитудинална студија која докажала дека пациентите со рак на простатата кои имале попозитивни очекувања пред операцијата (околу тоа дали ќе имаат проблеми со уринарниот систем, дали ќе бидат способни за сексуални односи, како ќе бидат прифатени од партнерката и какви ќе бидат резултатите од терапијата) живееле многу поквалитетно од останатите.
Од сето ова може да се заклучи дека очекувањата имаат големо позитивно или негативно влијание на превенцијата и терапијата за рак. Луѓето треба да го разберат нивниот моќен ефект за да можат да ги спречат или олеснат несаканите последици по сопственото здравје.
Доколку ве заинтересира оваа тема, прочитајте ги и 10-те факти за ракот, една од најопасните болести на денешницата.