Како се декодираат соништата во денешно време?

Како се декодираат соништата во денешно време?

Дали сте љубопитни за значењето на вашите соништа? Дали некогаш тие знаат толку многу да ве изненадат што едноставно не можете да сфатите како вашиот мозок успеал да се сети токму на тоа? Дали се будите совршено помнејќи делови од сонот и запрашувајќи се зошто баш нив ги помните? Не сте единствени. Научниците кои го истражуваат сонот се запрашуваат за истите нешта. Ние знаеме многу малку за начинот на кој функционира сонувањето во мозокот, за тоа зошто сонуваме или пак, за тоа која е функцијата на сонот. Механизмите на сонувањето и неговата цел до денешен ден се огромна мистерија.

Како се декодираат соновите во денешно време

Токму затоа оваа нова студија е толку фасцинантна. Тим од истражувачи предводени од лабораторијата „Computational Neuroscience“ во Кјото, Јапонија анализирале снимки од мозокот со цел да ги идентификуваат визуелните слики на соновите и на тој начин успеале да добијат сосема нов поглед кон активноста на мозокот за време на сонувањето. Во нивното истражување употребувале техника која е наречена неврално декодирање, каде што со помош на мерења на мозочната активност се предвидува визуелната содржина. Со набљудувањето на мозочната активност за време на спиењето, истражувачите се надеваат дека ќе успеат да ја идентификуваат визуелната содржина на соновите.

Во студијата биле вклучени тројца возрасни мажи. Додека спиеле, активноста на нивните мозоци била следена со „MRI“ и „EEG“. За да можат да соберат податоци за специфичните слики во соништата, истражувачите ги буделе испитаниците и ги прашувале што гледале во моментите пред да бидат разбудени. Откако ќе го дадат својот опис, тие се враќале на спиење. Ова се случувало неколку пати во текот на еден час. Истражувачите успеале да соберат над 200 описи на слики во период од неколку дена. Колекцијата на податоците покажала дека испитаниците сонувале обични нешта кои биле поврзани со нивните секојдневни животи – секако, со повремено скршнување во фантазијата и необичното.

Истражувачите потоа ги поделиле информациите во 20 категории кои ги претставувале основните визуелни слики, вклучувајќи ги нештата како „автомобил“ и „компјутер“, „машко“ и „женско“. Откако фазата на спиење и сонување во студијата била завршена, истражувачите им покажувале на испитаниците серија од фотографии кои ги содржеле сликите од различните категории создадени од нивните податоци. Тие ги спровеле истите мозочни скенови додека мажите ги гледале фотографиите и ги споредиле со оние кои биле направени додека тие спиеле.

Што мислите, што откриле тие? Мозочната активност за време на спиењето била слична со мозочната активност при процесирање на визуелните информации за време на будната фаза. Со други зборови, овие резултати покажале дека ние „гледаме“ во нашите соништа на начин кој е сличен со тоа како визуелно ги перципираме нештата кога сме будни. Шемите на невралната активност биле толку слични што истражувачите користејќи ги податоците од студијата успеале да ја предвидат визуелната содржина на соновите со 75-80 процентна сигурност. Секако, истражувањето нема да запре тука. Истражувачите планираат да ја продолжат студијата така што ќе се фокусираат само на РЕМ фазата од сонот.

Соништата се фасцинантни и мистериозни искуства кои се многу тешки за проучување. Декодирањето на науката позади нашите соништа може да нѐ одведе до подлабоко сфаќање на сонот, па и на самиот мозок.

Пријатни соништа.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар