Како можете да им помогнете на бездомниците и сиромашните во Македонија?
Македонија е сиромашна земја со сиромашни луѓе. Дури една третина од населението живее во сиромаштија, а регистрирани се и 140 луѓе во целата држава кои немаат дом и ноќите ги поминуваат под ведро небо. Дури 120 од нив се во Скопје.
Нема повеќе потреба да се трошат зборови на тоа затоа што на сите им е јасно во какви услови живеат дел од нашите сограѓани. Со оглед на тоа што го читате овој текст вие сте дел од онаа група среќници кои се соочуваат со помали проблеми од нив, па ако сакате да им помогнете и сте во можност да го сторите тоа, ние ви предлагаме неколку начини за тоа. Се разбира, можете како и досега да им дадете храна или облека на сиромашните кои ги среќавате на улица, но ако сакате да се придружите или да помогнете на некоја организација или иницијатива која поревносно се занимава со тоа, ова се вашите опции.
Црвен крст
Црвениот крст е организацијата која најмногу работи на терен со бездомниците и сиромашните. Тие управуваат со единствениот пункт за бездомници во државата. Тој се наоѓа во Скопје, во населбата Момин Поток, веднаш зад касарната Илинден. Тоа е место каде што бездомните лица можат да добијат храна и облека, да се избањаат, да добијат услуги од лекар, психолог и социјален работник, како и услуги од бербер. Пунктот е отворен два пати во неделата. Покрај тоа, кога температурите се пониски Црвениот крст на град Скопје испраќа и патролни екипи кои на ранливите лица им делат ќебиња, вреќи за спиење, облека и сл.
Овие активности можете да ги помогнете со донации или со волонтирање. Волонтерите се луѓе кои помагаат без паричен надомест водени само од желбата да донесат одредени промени во кои веруваат. Ако сакате да волонтирате во Црвениот крст и да ги помогнете овие активности најдобро е да се јавите на телефон: 02 3139 578 или обратете се лично во нивната канцеларија во домот „Даре Џамбаз“.
Народни кујни
Народните кујни се места каде што оние кои не можат да си дозволат ниту да јадат можат да одат и да добијат оброк. Има многу народни кујни низ голем број градови во Македонија кои ги посетуваат илјадници наши сограѓани. Надлежно за нив е Министерството за труд и социјална политика, а има и некои кои ги отвора и управува Македонската православна црква. Доколку сакате да помогнете во нивната работа обратете се до народната кујна која е најблиску до вашиот дом и тие ќе ви објаснат на кој начин можете да го сторите тоа.
Дневен центар за деца на улица
Дневниот центар за деца на улица во Скопје ги помага децата кои денот го поминуваат питајќи на улица. Тие деца се прибираат во центарот каде што поминуваат низ работилници преку кои стекнуваат основни навики и вештини за живот. Тие овде учат како да ја одржуваат личната хигиена, се описменуваат, се образуваат итн.
На центарот му се потребни волонтери. Можете да се вклучите така што ќе ги понудите вашите вештини на децата за и тие да можат да се осамостојат и да не бидат веќе социјални случаи. Меѓу другото, би им читале на децата, би цртале со нив, би ги учеле како да ја одржуваат хигиената итн. Иако ова е добра можност за идните педагози, психолози или социјални работници да стекнат некакво практично искуство, во центарот секој може да биде волонтер независно од професионалниот профил. Најважно е да има желба да помогне. Покрај тоа можете да помогнете и со донации. Облека, средства за хигиена и училиштен прибор ќе им бидат од голема помош. Ако сте заинтересирани за да му помогнете на центарот и на децата, информациите за контакт се поставени на овој линк.
Поглед кон вистината
Здружението на граѓани „Поглед кон вистината“ раководи со „Проектот вистински дела на љубезност“. Оваа хумана група на луѓе преку својот проект им помага на оние кои имаат проблем да си обезбедат храна така што секоја недела пред спомен-куќата на Мајка Тереза делат храна, односно по еден солен или благ сендвич и чај или овошје. Покрај тоа делат и облека, обувки и други работи, зависно од она со што располагаат во моментот. Доколку тоа им го дозволуваат моменталните средства и слободното време, работат и во други денови освен недела. Им помагаат и на луѓето на улица и на оние кои имаат свој дом, но живеат во голема сиромаштија. Отворени се за каква било помош која можете да им ја понудите, вклучително и донации и волонтирање. Најлесно ќе ги контактирате преку нивниот Фејсбук профил на овој линк.
Храна за сите – Банка за храна на Македонија
„Храна за сите – БХМ“ е непрофитна организација која ја собира храната чиј рок на траење е при крај, а продавачите не можат да ја продадат, со цел да ја дистрибуира до оние на кои им е најмногу потребна. Тие немаат контакт со крајните корисници, туку храната ја даваат на народните кујни и сл. Ваков тип организации има во речиси секоја држава во Европа. Нивната работа таму, особено на оние во Западна Европа, оди мазно затоа што добиваат голем број донации на храна која е близу до расипување, а покрај тоа се субвенционирани од матичните држави.
Во Македонија тоа не е случај, така што оваа организација сè уште се мачи со обезбедување на простории за работа и храна која треба да се подели. Засега нивните активности опфаќаат само повремени хуманитарни акции во повеќе градови: Скопје, Битола, Охрид, Струга, Велес, Тетово, Штип, Куманово, Струмица и Кавадарци. Ним им се потребни повеќе луѓе, а вие можете да ѝ помогнете на банката за храна преку донации или вклучување во хуманитарните акции. За тоа или за повеќе најдобро е да ги контактирате на bankazahranamk@gmail.com.
Лице в лице
„Лице в лице“ е списание кое го продаваат исклучиво бездомни лица. Чини 100 денари, од кои 50 одат за лицето кое го продава, а другите 50 за развој на проектот. Тоа значи дека со купување на списанието директно го помагате она ранливо лице кое ви го продава така што му плаќате за неговиот труд. Инаку списанието излегува еднаш во два месеца, а содржините се создаваат преку добротворна работа.
Солидарен оброк
Солидарен оброк е убава иницијатива која за жал не заживеа кај нас. Таа дава можност некаде да платите оброк плус кој некое лице кое не може да го плати подоцна ќе дојде по него. Според информациите од нашите медиуми, само 200 оброци биле платени во првата половина од 2014 година. Сепак, тоа сè уште постои како можност и можете и на овој начин да им помогнете на бездомниците и на нашите сиромашни сограѓани.
Знаете ли уште некоја можност да ѝ се помогне на оваа категорија граѓани? Споделете со нас и со читателите!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.