Како изгледа денот на луѓето кои страдаат од анксиозност?

Како изгледа денот на луѓето кои страдаат од анксиозност?

Не постои човек на планетава кој може апсолутно секој ден да го помине „нормално“. Меѓутоа, луѓето со анксиозност мислат дека нивниот обичен ден не е нималку сличен на деновите на „нормалните“ луѓе. Секојдневните работи, како што се одењето во пошта или плаќањето сметки, другите луѓе ги извршуваат со леснотија, но за анксиозните ваквите обврски претставуваат голем проблем. Тоа е така затоа што тие премногу се грижат и секогаш го очекуваат најлошото, дури и кога нема оправдана причина за нивниот страв. Доколку немате проблеми со анксиозноста, сигурно не му придавате големо значење на тоа чувство и немате поим низ што поминуваат анксиозните луѓе секој ден. Но, ако страдате од анксиозност, веројатно ќе се согласите дека вашиот обичен ден е поразличен од деновите на останатите луѓе. Па, како изгледа денот на анксиозните луѓе?

Како изгледа денот на луѓето кои страдаат од анксиозност?

3 часот наутро: Будење без причина

Не сте имале кошмар. Едноставно сте се разбудиле од нигде никаде, сте почнале да зјапате во таванот и да се прашувате што ќе се случи доколку утре ви се расипе автомобилот и немате како да отидете на работа. Луѓето со анксиозност се грижат за работи за кои постои мала веројатност дека ќе се случат. Откако еднаш ќе се разбудите, тешко ви е повторно да заспиете. Ужасно е чувството кога знаете дека е премногу рано за да станете и да правите нешто продуктивно, па само лежите така бесцелно во креветот.

7 часот наутро: Станувате уморни и нервозни

Замислете колку исцрпени би се чувствувале доколку сте спиеле само неколку часа со постојано прекини! Изнемоштено станувате од креветот, но немате време за да се влечкате. Имате толку многу обврски што треба да ги завршите. Премногу сте вознемирени за да појадувате како што треба, па неволно џвакате енергетско чоколатце и ја пиете вашата стандардна доза утринско силно кафе, додека истовремено се прашувате дали вашиот шеф одлучил да ве отпушти преку ноќ.

8.30 часот: Излегувате од дома во брзање

Сте заборавиле нешто. Знаете дека сте заборавиле нешто. Трчате низ дневната соба неколку минути и се обидувате да се сетите што сте заборавиле да ставите во чантата, а ви е неопходно за да го преживеете денот. Секој обид е залуден, па истрчувате од дома и сакате да компензирате со тоа што купувате уште едно кафе по пат до работа. Е сега веќе срцето навистина силно ви бие. Чекајте малку! Да не го заборавивте шпоретот вклучен? А пеглата?

Како изгледа денот на луѓето кои страдаат од анксиозност?

9.00 часот: Пристигнувате на работа и со страв муабетите со колегите

Прашањата од типот: „Како го помина викендот?“ и „Ја гледаше ли последната епизода од ’Живи мртовци’“? се вообичаени за повеќето луѓе, но на анксиозните многу тешко им паѓаат. Постојано се плашат дека ќе кажат нешто чудно што ќе го уништи целиот групен разговор. Или, пак, се плашат дека ќе кажат нешто несоодветно и навредливо. Ако дојде до тоа, сите ќе почнат да ве мразат и ќе го убедат шефот да ве отпушти.

12.00 часот на пладне: Ручек со луѓе што ве нервираат

Не се работи за тоа дека не ги сакате луѓето, туку едноставно се чувствувате непријатно во близина на оние кои ги почитувате. Треба да одите во ресторан што го одбрал вашиот колега, место каде што не сте биле претходно. По пат, вие постојано размислувате како ќе изгледа ресторанот. Дали е самопослуга? Дали ќе знаете што да нарачате? Дали ќе биде премногу гласно? Одвај чепнувате од храната бидејќи се плашите дека луѓето со кои седите на маса ќе помислат дека не знаете да јадете пристојно.

15.00 часот: Крај на работниот ден

На работното време му доаѓа крајот и вие чувствувате притисок да ги завршите сите ваши обврски. Почнувате да се плашите дека тоа е невозможно. Сите други луѓе би го нарекле тоа стресен период, но вие почнувате да се сомневате во вашите способности. Не сте сигурни дали сте доволно паметни или дали сте јаделе доволно за да го издржите целиот тој притисок. Ова е исто така периодот од денот кога почнувате да ги одбегнувате луѓето по секоја цена. Не сакате да дознаат дека сте поназад од останатите.

Како изгледа денот на луѓето кои страдаат од анксиозност?

18.00 часот попладне: Време за вежбање

Сте чуле повеќе пати дека вежбањето може да направи чуда за вашата анксиозност. Го знаете тоа, но не е толку лесно да отидете во салата за вежбање. Прво и основно, само во овој период од денот можете да одите, а баш тогаш има најмногу луѓе во секоја сала за вежбање. Зјапате во вашето ранче со опремата и почнувате да размислувате како сите луѓе таму ќе бидат во форма, колку чудно ќе изгледате на лентата за трчање и колку глупаво ќе делувате додека чекате да се ослободи некоја справа. „Не, благодарам“, си помислувате и решавате да се обидете да вежбате дома.

19.30 часот: Вечерата е готова

Уморни сте по долгиот ден, но тоа не значи дека треба да одморите. Се допишувате со пријателите некое време и гледате вести кои ви потврдуваат дека навистина се ближи крајот на светот. Потоа, седнувате да разговарате со вашите родители кои постојано се жалат дека не ве гледаат доволно и принудени сте да ги ислушате сите семејни драми, по што посакувате да сте се преселиле во странство веднаш штом сте завршиле факултет. За да се правите со предизвиканата анксиозност, грицкате глупости. Ја ставате во уста секоја можна крцкава и утешителна храна и грицкате додека не се прејадете, па на крајот немате ниту волја ниту потреба да зготвите и да јадете нормална вечера.

22.00 часот навечер: Се обидувате да читате

Знаете дека е време да си легнете, па останувате склопчени на каучот, ги прегледувате Фејсбук профилите на вашите пријатели и поранешни партнери и ги разгледувате нивните навидум совршени животи. Потоа, почнувате да пребарувате некои теории на заговор и читате за Илуминатите и други слични тајни организации. Наместо да ги оставите електронските уреди и да прочитате вистинска книга, вие го земате телефонот и почнувате да ги бришете старите пораки и фотографии. Што ако телефонот ви „цркне“ поради недостатокот на меморија?!

Како изгледа денот на луѓето кои страдаат од анксиозност?

23.45 часот: Сѐ уште будни

Сте легнале во кревет, но вашите мисли талкаат некаде. Се сетивте на моментот во средно училиште кога ве истепале поради некоја причина, не се сеќавате зошто, но важно сте се чувствувале лошо. Потоа, почнувате да си ги правите најлошите можни сценарија за утрешниот ден. „Дали го исклучив шпоретот?“, оваа мисла ви се врти уште некое време додека анти-депресивните самовили не дојдат да ве спасат и да ве одведат во земјата на неквалитетни соништа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар