Како да патувате низ Европа со ограничен буџет?

Како да патувате низ Европа со ограничен буџет?

Летото е период кога луѓето најмногу патуваат. Времето е убаво и топло, не ви е потребна многу облека, што значи со вас ќе носите мал багаж и можностите се неограничени. Можеби летово планиравте да го организирате вашето незаборавно патување низ Европа, но не стоите баш најдобро на финансиски план. Но, за ваша среќа, постојат голем број начини да патувате низ Европа со малку пари. Ви нудиме 5 совети како со мал буџет да си го остварите сонот и да ги видите прекрасните градови на најстариот континент.

(1) Пропатувајте ја Европа за малку пари

1. Возете се во автобуси

Европските дестинации во последно време се поврзани со голем избор на авионски летови од нискобуџетни компании, но проблемот е што во овој период од годината сите евтини летови се одамна резервирани. Европските метрополи и прекрасните места кои сакате да ги видите не се многу оддалечени, бидејќи сепак Европа не е територијално огромна. Поради тоа, зошто не размислите за автобусите како ваше превозно средство?

Денес се користат нови, климатизирани автобуси во кои има и пристап до интернет, поради што патот ќе ви биде пријатен. Можеби ќе трае некој час подолго, но не заборавајте на прекрасните пејзажи кои ќе ви останат врежани како убави спомени од тоа патување. Исто така, патувањето со ова превозно средство е повеќе пати поевтино од авион, а патувајќи неколку часа подолго значи дека ќе заштедите на соба која не ви е потребна за ноќта, бидејќи ќе преспиете возејќи се во автобус.

2. Одете на исток

Лондон, Париз, Рим, Барселона… Ова се градовите кои се на листата на сите туристи, особено оние кои доаѓаат од другите континенти. Но, престојот во овие прекрасни метрополи воопшто не е евтин, особено во летниот период. Доколку имате доволно пари, можете да изберете еден или два од овие града, а остатокот од вашето патување да го резервирате за истокот. Источниот дел на Европа, исто како и западниот, има неверојатни места, кои ќе ве изненадат со својата архитектура, култура, храна, пијалаци и дружељубивост на народот. Нема да се разочарате доколку на вашата мапа ги заокружите Будимпешта, Варшава, Краков, главните градови на балканските држави…

3. Отклучете го телефонот

Кога се оди на вакви патувања, каде што за многу кратко време се менуваат различни држави и се преминуваат многу граници, особено треба да се внимава на телефоните. Многу често се случува луѓето кога ќе се вратат дома да ги пречека сметка со вртоглави бројки за телефонските разговори. Затоа отклучете си го телефонот и во државите каде што планирате да останете подолго време набавете си СИМ картички или распрашајте се на кој начин можете да добиете една унифицирана картичка за сите европски држави, со цел да го избегнете оној момент кога ќе сфатите дека телефонската сметка ве чини повеќе од двонеделното патување низ Европа.

4. Поделете ги трошоците за сместување

Најскапиот дел од секое патување е сместувањето. Најлесен и наједноставен начин е да ги поделите трошоците. Доколку се одлучите на пат да заминете сами, тогаш размислете дали во некои од местата кои сакате да ги посетите или пак во нивна близина имате некој близок пријател или роднина кои би ве примил на една, две ноќи. Или можете да побарате некој пријател кој исто како вас сака да прошета, па сите трошоци ќе ги делите на пола.

Сепак, ако не најдете партнер за патувањето од соништата, тогаш наједноставно решение ви е хостел. Таму за помалку пари ќе можете да преспиете во соба која ќе ја делите со повеќе луѓе, кои размислуваат слично како вас. Иако во големите градови лесно се наоѓа ваков тип на сместување, сепак пред да резервирате место, направете едно мало „истражување“ за хостелот и критиките што ги добил од луѓето кои престојувале таму пред вас.

5. Јадете евтино, јадете локално

По сместувањето, храната е втора на листата според цената којашто треба да ја платите. Кога патувате на ваков начин, избегнувајте ги рестораните и пазарувајте си храна во големите супер маркети. Лебот, овошјето и зеленчукот се релативно евтини, особено ако купувате од локално производство. Доколку одлучите да јадете во рестораните, потрудете се тоа да биде околу пладне, кога е време за ручек. Во тој период повеќето ресторани нудат специјални цени, кои се прифатливи за речиси сечиј буџет.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар