Како да ја преболите загубата на некоја блиска личност?
Тагата е природен одговор на загубата и емоционално страдање што се појавува кога ќе изгубите личност што ја сакате. Колку е позначајна загубата, толку е поголема тагата, а таа е најинтензивна во случај на смрт на саканата личност.
Фази на тагување:
1. Негирање
2. Лутина
3. Депресија
4. Прифаќање
5. Навикнување на новонастанатата ситуација и реинтеграција
Не минуваат сите луѓе низ сите фази и понекогаш не одат во овој редослед затоа што тагата е непредвидлива и индивидуална. Она што треба да го запомните е дека е нормално да ги чувствувате сите овие емоции и нема точно утврдено време кога ќе исчезнат.
Најтешките периоди ќе станат помалку интензивни и пократки со текот на времето, но сосема е вообичаено да чувствувате силна тага со години по загубата, особено во моменти што сакате да ги споделите со некој близок.
Симтоми на тагувањето:
1. Вина и гнев – експертите предупредуваат дека олеснувањето по смртта на лице кое долго време се борело со сериозно заболување е нормална емоција, но многу луѓе се чувствуваат виновни ако ги обземат такви емоции. Во случај на ненадејна и изненадна смрт, ве обзема голем гнев, честопати мислејќи дека сте можеле некако да го спречите тоа, иако тоа не е возможно.
2. Страв – загубата на саканата личност може да предизвика многу грижи и стравови и може да почувствувате вознемиреност, беспомошност и несигурност. Сето ова понекогаш доведува до напади на паника и може да почнете да го преиспитувате вашиот живот.
3. Физички промени – иако тагата е емотивен процес, таа често вклучува физички или здравствени проблеми како што се замор, намален имунитет, намалување или зголемување на телесната тежина, гадење, болки и несоница.
Како да тагувате?
1. Најдете поддршка. Свртете се кон пријателите или кон членовите на семејството и не избегнувајте ги затоа што ви треба поддршка без оглед на тоа што мислите дека ќе издржите сами.
Луѓето често сакаат да помогнат во такви ситуации, но тие не знаат што точно ви треба – дали само разговор или рамо за плачење. Побарајте духовна утеха ако ги следите религиозните традиции. Духовните ритуали, како што е молитвата, можат да ви дадат голема утеха.
2. Грижете се за себе. По смртта на некој близок, вие мора да се грижите за себе повеќе од кога и да е бидејќи големиот емоционален стрес може да го наруши вашето здравје. Покрај физичкото, водете сметка и за менталното здравје бидејќи телото и умот се поврзани. Обидете се да спиете доволно и да јадете навреме за да не ја изгубите физичката сила. Избегнувајте лекови што веднаш ќе го подигнат вашето расположение и ќе ве вратат во депресивна состојба откако ќе им помине дејството.
3. Подгответе се за „предизвикувачите“ на тагата. Празниците, родендените, годишнините – сето тоа се настани што будат спомени и чувства. Бидете подготвени за тие „удари“ и прифатете дека е во ред да бидете тажни за време на тие настани. Разговарајте со луѓето и немојте да криете како се чувствувате.
4. Изразете ја својата тага. Нема да ја заборавите саканата личност и никој не го бара тоа од вас. Наместо тоа, запомнете ги сите убави моменти што ги поминавте заедно. Можете да ја изразите тагата на многу начини.
Запишете ги вашите мисли во дневник, напишете им писмо на вашите најблиски и кажете им сè што не сте успеале да им кажете, направете албум со фотографии или вклучете се во некоја организација што им била важна и со тоа продолжете да дејствувате во нивно име.
Разлики помеѓу тагата и депресијата
Овие две состојби се слични по природа, но ако сте во депресија, чувството на празнина и очај не престанува. Исто така, депресијата се разликува од тагата со интензивно чувство на вина и безнадежност и чести мисли за самоубиство.
Никогаш не срамете се да побарате стручна помош, особено ако:
- мислите дека вашиот живот веќе нема смисла
- со недели се чувствувате одвоени од светот
- не можете да ги извршувате секојдневните активности.
Прочитајте зошто гневот е многу поштетен за вашето здравје од тагата.