Како да дознаете дали ѝ недостигате на вашата мачка кога не сте дома?
Ако чувате милениче, секое одделување од него е едно горко искуство, особено ако треба да бидете разделени подолг период. Доколку сте горд сопственик на мачка, често се запрашувате дали и вие ѝ недостигате нејзе колку што таа ви недостига вас. Секако, ова прашање е особено често кога се мачките во прашање, бидејќи може да се случи да ве нема со денови и откако ќе се вратите, наместо да ви се фрли и да ве стопи со предење, таа се крие некаде каде не можете ниту да ја видите, а не па да помислите да ја допрете.
Според некои истражувања, на мачките не им недостигаме толку колку на кучињата, но сигурно вашето отсуство е веќе евидентирано кај нив и не е воопшто чудно ако се соочите со пасивно-агресивно однесување од нивна страна. Од друга страна пак, не ви треба некоја научна студија за да претпоставите дека можеби сте ѝ недостигале на вашата мачка… Или можеби ви треба?
Со нив, никогаш не можете да бидете сигурни дали сте им недостигале, но секако може да забележите одредени однесувања и самите да донесете заклучок. Кога сте дома, вашата мачка почесто се излежува, се тегне и преде. Според една студија, нема некоја значајна разлика во тоа дали ве немало 30 минути или 4 часа, единствено кај подолго отсутните, мачките малку подолго пределе и повеќе се протегнувале откако сопственикот се вратил.
Ако си дојдете дома и вашата мачка почнува да ви кружи околу нозете, да се умилкува, истегнува и преде, можете да заклучите дека сте ѝ недостигале и дека е среќна што ве гледа. Друг знак е доколку забележите дека е под стрес и вознемирена, па дури и мјаука како да ве кара што долго ве немало. Иако мачките ретко покажуваат емоционална вознемиреност кога го нема сопственикот, тие всушност се навистина вознемирени и иритирани, но не е познато дали затоа што им недостигате или бидејќи нема кој да им дотури храна во чинијата која не е празна, ниту до половина.
Исто така, колку подолго ја чувате мачката, толку полесно ги препознавате редоследите на нејзиното однесување. Така, доаѓаме до одговорот на прашањето дали ви треба научна студија за да знаете дали ѝ недостигате на вашата мачка. Одговорот е, секако, дека не ви е потребна, бидејќи исто како и луѓето, така и мачките имаат различен карактер и вие сте единствените кои може да ги препознаат манифестациите на нивното расположение.
Дознајте и зошто мачките обожаваат да пијат вода директно од чешма.