Како да бидете совршени перфекционисти?

Како да бидете совршени перфекционисти?

Перфекционизмот е една од оние амбивалентни термини за кои не сте сигурни дали треба да се гордеете или срамите. Да бидеме искрени. Тврдењето дека сте перфекционисти е исто како и да кажете некому на интервју за работа дека вашата најголема слабост е дека не можете да престанете да размислувате за работата, па затоа морате да работите и за време на викендите. Некако, почнуваме да претпоставуваме дека за да бидеме сфатени сериозни, ние мораме да бидеме најдобри. Да поставиме недостижни стандардни. Постојано да ги качуваме границите… Истражувањата дури и ни покажуваат дека кога студентите сакаат да бидат перципирани попозитивно од нивните колеги и професори, тие се опишуваат себеси како перфекционисти.

Како да бидете совршени перфекционисти?

Но, дали перфекционизмот е квалитет за кој треба да се фалите или блокада кон успехот? Според психолозите, може да биде и двете. Литературата за перфекционизмот разликува 2 вида перфекционисти – адаптивни и позитивни и неадаптивни и негативни.

Овие два вида имаат повеќе сличности одошто разлики. И двата поставуваат високи стандарди и се стремат кон големи цели. И двата работат подеднакво многу со цел да го добијат тоа што го посакуваат и се грижат многу за правилно завршување на своите обврски. И двата развиваат силни способности како резултат на нивниот неуморен труд и со тек на време постигнуваат многу повеќе од останатите. Но, постои една мала разлика чие влијание е огромно:

  • Позитивните перфекционисти се насочени кон постигнувањата.
  • Негативните перфекционисти се насочени кон неуспесите.

И покрај тоа што победата е подеднакво важна за позитивните и негативните перфекционисти, постои разлика во причините зошто тие сакаат да победат. Позитивните перфекционисти сакаат да победат во трката, а негативните не сакаат да ја изгубат. Оваа разлика во ориентираност кон целите влијае на начинот на кој ги поставуваат истите, како тие се чувствуваат за работата и како одговараат на пречките.

Тоа што ги води позитивните перфекционисти е желбата за раст и задоволството кое го доживуваат кога се предизвикани. Подобрувањето на нештата им дава значење и ги одржува задоволни. И покрај тоа што сакаат да бидат добри во нешто, не претеруваат со реакцијата кога нивниот перформанс не е задоволителен. Наместо тоа, се фокусираат на начинот како да се подобрат. Тие ретко размислуваат за откажување бидејќи постигнувањата се нивниот начин на живеење. Кога налетуваат на пречки, тие веднаш почнуваат да бараат решение за проблемот. Тие одговараат на предизвикот така што ја евалвираат нивната работа, анализирајќи ги резултатите и планирајќи го следниот чекор.

Од друга страна пак, негативните перфекционисти работат напорно само за да не бидат отпуштени, да не им се критикува работата, или пак, да не бидат прескокнати за унапредување. Студентите учат повеќе затоа што се плашат дека ќе добијат 9-ка наместо 10-ка и со тоа ќе си го нарушат просекот. Дали можете да ја почувствувате разликата во целите на овие луѓе наспроти целите на оние во другата категорија?

Оваа разлика во ориентираност кон целите има огромни последици на долг рок. Истражувачите покажале дека позитивните перфекционисти се добро заштитени од емоционалниот стрес. Тие имаат тенденција да се физиолошки поздрави и емоционално постабилни. Спротивно на нив, негативните перфекционисти се поврзуваат со ниска самодоверба, висока анксиозност и голем ризик од развивање депресија.

Вистината е дека сите ние имаме малку позитивен и малку негативен перфекционист во нас. Желбата да се биде совршен е природна тенденција. Желбата да се создаде вреден продукт, да се овозможи добра услуга и да се достигне потенцијалот не е маана. Тоа е здрава аспирација. Но, и покрај тоа што позитивниот перфекционизам може да ве турка нанапред, негативниот ќе прави сè што е во негова моќ да ве влече наназад.

Па, како можете да откриете кој вид перфекционист доминира во вас? Ако одговорот треба да се сумира во една реченица, тогаш тоа би била следнава:

Правете јасна разлика помеѓу: Можам подобро и Ова не е доволно добро.

Започнете од тука. Која од овие изјави подобро ја опишува вашата работа?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар