Истражување: Верверичките ги прислушуваат птиците за да знаат дали наидува опасност
Луѓето не се единствените живи суштества кои можат да одредат дали некоја ситуација е безбедна или не според знаците кои се појавуваат наоколу. И верверичките се способни за ова. Во едно ново истражување, истражувачите откриле дека кафеавите верверички се доволно паметни за да ги препознаат знаците од другите животни во нивната средина, пред да одлучат да излезат надвор од нивното безбедно скривалиште. Тие главно ги прислушуваат птиците и ги користат нивните предупредувања како индикатор за опасност. Штом почувствуваат дека теренот е чист, врз основа на она што ќе го чујат, верверичките се опуштаат.
Со цел да ја докажат оваа теза, научниците набљудувале 54 верверички во парк во Охајо. Прво, тие им пуштиле снимка од извик од црвеноопашест јастреб. Како птица грабливка, јастребот е предатор за верверичките, па неговото присуство значи опасност. Штом верверичките се засолниле безбедно, научниците чекале 30 секунди пред да им пуштат нови снимки. Во следниот случај, снимката била од птичји џагор. Овој џагор одговара на извиците кои една птица ѝ ги упатува на друга кога не се во опасност. Следната снимка била од амбиентален звук кој не содржел птичји џагор.
Резултатите биле неверојатни. За време на првата снимка од јастребот, истражувачите виделе дека верверичките се однесувале будно. Ова однесување подразбира стоење, бегање, вкотвување и гледање нагоре – сите јасни знаци дека верверичките се чувствувале загрозено. Кога пак, на верверичките им била пуштена снимката од птичји џагор, нивното однесување значително се сменило – тие многу пократко време се задржувале во одбранбена состојба.
Кога на верверичките им биле пуштени амбиенталните звуци без птичји џагор, тоа резултирало со намалено будно однесување, но со зголемена внимателност отколку кога го слушале џагорот. Исто така, и времето за да се вратат во нормала било подолго.
Според овие наоди, научниците претпоставуваат дека верверичките ги користат гласовните знаци од нивните пердувести пријатели со цел да разберат дали треба да бидат загрижени од потенцијална опасност или не.
„Знаевме дека верверичките прислушуваат звучни сигнали на опасност од некои видови птици, но возбудливо беше откритието дека тие исто така ги слушаат и звуците кои упатуваат на спротивното – оние коишто се индикатор дека птиците се чувствуваат релативно безбедно. Веројатно во некои случаи, знаците на безбедност можат да бидат подеднакво важни како и знаците на опасност“, велат авторите на студијата.