Истражување: Што кажува вашиот тип на личност за вас?
Општеството има потреба да ги одбележува луѓето со неизбежното прашање што ни го поставуваат уште како деца: Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш? Проблемот е што иако уште од мали нè учат дека можеме да бидеме што и кој сакаме, кога ни го поставуваат ова прашање, луѓето бараат само еден одговор. Истото важи и за тоа кој тип на личност сметате дека сте.
Вашиот тип на личност можеби кажува многу за вас, но не кажува точно кои сте. Можеби денес се чувствувате затворено и како интроверт, но утре ќе поканите цела група колеги на пијачка. Постојат многу разни аспекти на вашиот тип на личност, а фактот дека истражувачите откриле 4 целосно нови типови личности, само дополнително го докажува ова.
Досега повеќето луѓе сметаа дека постојат само 3 типа личности – интроверти, екстроверти и комбинација од двете. Но, едно огромно ново истражување открило четири нови типови личности – просечни, воздржани, идоли и егоцентрични. Притоа, секоја комбинација од карактерни особини е целосно различна од другите.
За истражувањето, истражувачите од Северозападниот универзитет разгледувале 1,5 милиони одговори од разни онлајн прашалници. Волонтерите одговарале помеѓу 44 и 300 прашања преку кои кажувале нешто за нивните индивидуални карактеристики.
Од овие резултати, истражувачите ги одвоиле „Петте големи карактерни особини“. Овде спаѓаат невротичност, екстраверзија, отвореност кон нови искуства, согласност и совесност. Оттука, со помош на нивните уникатни алгоритми, истражувачите го смалиле кругот од 16 на 4 главни типови личности.
1. Првиот тип, просечен, опишува личност која воглавно е поневротична (анксиозна и со променливо расположение). Некој кој е просечен е отворен, но не на многу лично ниво. Во оваа категорија спаѓаат повеќе жени отколку мажи.
2. Вториот тип се воздржани личности кои се емоционално стабилни, односно не се ниту невротични ниту отворени. Иако не се вистински екстроверти, не се ни вистински интроверти. Со други зборови, воздржаните повеќе сакаат да се движат со текот.
3. Идолите се постари луѓе кои имале многу животни искуства. Од нив можете да зависите, да научите многу и тие се отворени кон нови идеи. Според истражувањето, жените почесто станувале идоли од мажите.
4. Егоцентричните луѓе се потполна спротивност на идолите. Тие се екстроверти, но воопшто не се отворени и совесни. Со други зборови тие прават што сакаат без разлика што мислат другите. Истражувачите откриле дека поголемиот дел од овие луѓе се помлади и имаат помалку животни искуства.
Па, што кажува ова ново истражување за вашиот карактер? Можеби ништо, а можеби и сè. Најмногу зависи од тоа каде се наоѓате сега во животот. Вистината е дека колку и да сакате да се ставите во една група, ова може да биде вистински предизвик.
„Иако методологијата и науката зад ова истражување се цврсти, можат да постојат преклопувања на карактеристики кај некои луѓе. Постојат одредени карактеристики на типовите личности што се постојани, но има аспекти кои се менуваат во зависност од животните искуства и созревањето“, изјавил доктор Роберт Глатер.
Размислете за периодот пред 5 или 10 години. Дали можете да кажете дека сте истата личност? Се разбира дека не, но тоа е очекувано. За луѓето е нормално да искусуваат личен развој и созревање со текот на времето. Никој не може да биде обележан како еден тип на личност, но токму тоа им дава длабочина на луѓето.
Вие сте создадени од неколку „личности“ и треба да ги запознаете и прифатите сите. Без разлика кои сте, најдоброто нешто што можете да го направите е да ги прифатите сите делови од вашиот карактер. Можеби сте се пронашле во некој од типовите на личности, а можеби имате особини од сите. Најважно е да не се обидувате да се идентификувате со само еден тип. Продолжете да бидете автентични без разлика дали тоа значи дека ќе се менувате секој ден.
Дознајте и дали сте дел од луѓето со најредок карактер на светот.