Истражувањата покажуваат: Акните можат да бидат и корисни!
Оние што се соочуваат со акни сигурно ќе признаат дека тоа е еден од најголеми проблеми со кој секојдневно се измачуваат. Сигурно сте потрошиле еден куп пари на производи наменети за нега на кожата, а не можете да замислите надвор да излезете без да ги покриете со слој пудра. Но, следува една добра вест! Имено, неодамнешните истражувања покажале дека акните се карактеристика на луѓето кои живеат подолго. Истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон откриле дека луѓето кои се борат со акни може да имаат подолг животен век од оние кои имаат чиста кожа.
Еве зошто е тоа така: Според студијата, оние кои се соочуваат со акни на нивната кожа имаат подолги теломери во белите крвни зрнца. Теломерите се проширени структури на крајот од хромозомот и тие влијаат на тоа како клетките стареат и умираат. Како што старееме, теломерите постепено се намалуваат и стануваат пократки. Знаејќи дека оние кои имаат акни имаат и подолги теломери, тоа значи дека на нивните клетки им треба подолго време за да созреат. Ако клетките живеат подолго и личноста ќе живее подолго…
Дури и набљудувајќи ги луѓето на различна возраст, со различна висина и тежина, истражувачите го потврдиле тоа дека должината на теломерите кај оние кои имаат акни е подолга отколку кај оние кои ги немаат. Еден од авторите на студијата, доктор Симон Риберо, вели:
„Пред многу години дерматолозите утврдиле дека кожата на оние кои страдаат од акни старее многу побавно отколку кај оние кои не се соочувале со нив во текот на животот. Иако ова било клинички набљудувано, претходно причината за тоа била нејасна.“
Потребно е да се направат повеќе истражувања за да се открие зошто се случува ова, но сигурни сме дека научниците набрзо ќе најдат одговори.