Историјата на чајот низ светот
Чајот е топол напиток во кој сите уживаме, особено во овие тмурни, студени есенски денови. Ќе се согласите дека пиењето чај е совршен миг за одмор и уживање во друштво на најблиските. Историјата на чајот и традициите на пиење чај се разликуваат од земја во земја, па во продолжение прочитајте за оние на Англија, Кина, Индија, Јапонија и Америка.
Англија
Кога ќе се спомне зборот чај, на многумина веднаш им текнува на Велика Британија и популарноста која овој напиток ја ужива таму. Иако чајот за првпат бил донесен во Англија во 1600-та година, земјата го усвоила како свој традиционален пијалак. Најголем пристап до него имале аристократите, поради цената и ограничените количини. Терминот „попладневен чај“ за првпат бил употребен од страна на Ана, војвотката од Бедфорд. Традиционално во Англија, време за пиење чај е од 4 до 5 часот попладне, и обично се служи со различни видови лепчиња и други слатки печива.
Кина
Кинезите се можеби првите луѓе кои почнале да ги користат листовите од чајот во други цели. Чајот бил користен како топол напиток, но и како ефикасен лек. Дури и денес, познатиот кинески зелен чај се препишува за лечење на најразлични болести. Тие чајот често го користат и при медитирање. Исто така, кога една кинеска двојка ќе одлучи да стапи во брак, родителите се послужуваат со чај како знак на благодарност. Во Кина чајот се служи со онаква внимателност, како што е случајот со виното во европските земји.
Индија
Индија е еден од најголемите снабдувачи на чај во светот, кој годишно ѝ носи 4% национален профит. Низ земјата има повеќе од 14 илјади плантажи за производство на чај и поради различната клима, чајот има специфичен вкус во зависност од регионот каде што е направен. Постојат три вида чај кои може да се најдат во Индија. Асамот има богат вкус и расте во високопошумените региони во североисточниот дел на Индија. Дарџилин пак, е можеби чајот со еден од најпознатите и најуникатните вкусови. Овој чај може да се најде во високите предели на Хималаите. Последниот вид чај е нилгири – чајот со суптилен и нежен вкус и расте во јужниот регион на Индија.
Јапонија
Традицијата на чајот во Јапонија е тесно поврзана со калуѓерите и самураите. Чајанките во оваа земја не претставуваат само пиење чај, туку уживање во самата убавина на искуството. Домаќинот го подготвува чајот по вкус на гостинот и притоа секој детаљ од чајанката се организира онака како што ќе посакаат гостите. Ваквата чајанка која денес сè уште се организира, е вид уметност и духовност, и време во кое и домаќинот и гостите уживаат во уникатноста на моментот.
Америка
Во различните држави на САД, чајот има различно значење. Во изминатите години, продажбата на чај во САД се зголемува поради зголемената популарност на напитокот. Многу Американци почнуваат утринското и попладневното кафе да го менуваат со шолја топол чај.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.