Искрено писмо од мајката чии деца не се одлични ученици: Постои нешто поважно од петките во училиште!

Искрено писмо од мајката чии деца не се одлични ученици: Постои нешто поважно од петките во училиште!

Мачно ми е кога на секое одење во училиштето после родителската средба ќе ми кажат да останам. „Стегнете ги малку“, вели наставничката. Ги стегам и премногу, но изгледа дека тоа не е доволно. Посилно да стегам не умеам. И што всушност значи да ги стегнам? Прочитајте ја приказната на самохраната мајка чии деца носат малку поразлични медали.

1-iskreno-pismo-a-majkata-chii-deca-ne-se-odlichni-uchenici-postoi-neshto-povazhno-do-petkite-vo-uchilishte-www.kafepauza.mk_

Отсекогаш им се восхитував на вредните, посветени деца кои се одлични ученици, кои тренираат два спорта, свират некој инструмент и подеднакво се успешни во сѐ. Им завидувам на родителите кои имаат такви деца, особено на нив, на вложениот труд и сила за да го организираат сето тоа, да го извршат и да го остварат. Срцето ми беше полно заради фотографиите на социјалните мрежи каде што децата ги бакнуваат своите златни медали, а не знам ниту кои се, ниту чии се. Во себе тивко изговарав „Секоја чест“ за секоја детска книшка исполнета со сите петки, потајно горда на фактот дека таквите деца постојат и растат овде помеѓу нас. Вредно, упорно чекорат низ животот и ги прават своите родители горди.

Моите деца не се одлични ученици. Немаат чувство дека сето тоа е потребно и дека тоа се очекува од нив, па приоритетите си ги одредуваат сами. Мачно ми е кога на секое одење во училиштето после родителската средба ми велат да останам. „Стегнете ги малку“, вели наставничката. Ги стегам и премногу, но изгледа дека тоа не е доволно. Посилно да ги стегнам не умеам. И што воопшто значи да ги стегнам?

Се нервирав, ме болеше, бидејќи сакав да им покажам колку прекрасна работа е успехот и дека од нив очекувам успех во училиштето онаков каков што имав јас, иако тоа е невозможно. Тие не се јас. Јас не умеам да им создадам чувство дека треба да учат после училиштето уште четири часа.

Сами се по цел ден, додека јас сум на работа. За тоа време малку учат. Ја завршуваат домашната работа, а потоа прават сосема неверојатни работи. Тоа се оние работи заради кои сум горда на нив. Тоа се нивните златни медали, гравирани со моето име. Никогаш необјавени ниту на една социјална мрежа.

Моите мали девојчиња одлучиле да ми направат торта. Вистинска. Со шлаг одозгора. Пронашле некој едноставен рецепт на Интернет и ми ја направиле за роденден. Ставиле и свеќички. Заштедиле од ужината. Тој ден не јаделе во училиште, за јас да имам црвен број 40 на тортата. Синот ги поправил фиоките кои се разлабавиле. Тогаш и плачев, и тие плачеа. Заедно ја изедовме тортата и го однесовме кучето на прошетка. Ги почестив ќебапи.

Добивав саксии со посадено цвеќе, грашок со шеќер, домашен печен леб (се сеќавам дека делуваше како нешто дрвено), промена на светилката, поправени кваки, среден балкон со едно отворено пиво кое ме чекаше на столчето. Ме дочекуваа омилените песни кога ќе влезев во домот.

Ми пишуваа песни, цртаа ремек-дела на кои пишува дека тоа е токму за мене и дека сум најдобра на светот. Еден куп подароци направени од крпчиња, стапчиња за сладолед, лакови за нокти и резанки. Ја исцртаа мојата бела, досадна памучна ноќница со фломастери, да биде шарена за спиење, да сонувам поубаво во неа. Ги исчистиле кадата и лавабото, ја переа и простираа облеката. Самите ги менуваа своите постелнини, а за мене секогаш ја поставуваа мојата омилена во портокалова боја. Ми правеа обетки од цреши кои самите ги набрале, ме тешеа кога ќе дојдеа тешки денови. „Не грижи се мамо, ќе биде сѐ во ред, еве го средивме домот, знаеме дека тоа те радува. Отидовме на пазарење, го избањавме кучето и го одведовме на ветеринар. Му помогнавме на другарчето околу еден проект за на училиште…“

Ми го галеа грбот кога еднаш се вкочанив и лежеа покрај мене навечер гледајќи телевизија додека не заспијам. Ми приготвуваа чаеви додека бев болна и палачинки за да оздравам побрзо. Илјадници утрински кафиња ме дочекуваа на балконот. Ми носеа мачки, кучиња, ежови и врани за да ги спасиме заедно. Ми ги оставаа најсмешните пораки на фрижидерот, ја разбраа мојата одлука да не живееме со нивниот татко, ја разбраа мојата нова љубов, ги прифатија сите промени и се прилагодија без приговор. Отсекогаш биле моја сила, мотивација и инспирација. Мојата екипа!

Нивните големи дела, ги прават нив тројцата најголеми личности во мојот живот. Од мене не зборува пристрасноста, туку гордоста на тоа што во својот дом направив расадник на квалитетни луѓе кои во животот ќе се снајдат каде и да се свртат. Ниту една петка од математика, физика и хемија не може да го замени тоа.

Прочитајте го и ова неверојатно писмо на една мајка до својата ќерка тинејџерка.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар