Интервју со Даниел Китески: Најголемите животни лекции се наоѓаат надвор од нашата комфорна зона

Интервју со Даниел Китески: Најголемите животни лекции се наоѓаат надвор од нашата комфорна зона

Даниел Китески има посетено многу скриени и помалку познати дестинации и на неговиот светски познат блог Passport Symphony можете да откриете многу интересни работи за овие места, како и корисни совети за вашите следни патувања. Во продолжение прочитајте од каде потекнува неговата љубов кон патувањата и какви искуства има од дестинациите што ги посетил.

Интервју со Даниел Китески: Најголемите животни лекции се наоѓаат надвор од нашата комфорна зона

1. Од каде потекнува твојата страст за патување? На која возраст и на која дестинација се случи твоето прво самостојно патување?

Мојата страст за патување потекнува од мали нозе. Уште како мал со душа чекав да дојде лето за да одиме на одмор, а на училиште отсекогаш омилен предмет ми беше географија. Првото самостојно патување го организирав во 2012 година кога сам заминав во Русија на една незаборавна авантура која донесе многу интересни моменти, нови знаења, познанства, а и неколку сега веќе многу добри пријатели.

2. Која ти е омилената дестинација што си ја посетил? На кое место би сакал да се вратиш барем уште еднаш ако имаш можност и дали постои дестинација на која не сакаш да се вратиш никогаш повторно?

Многу луѓе ми го поставуваат ова прашање, но едноставно не можам да изберам една омилена дестинација. Секоја земја и секој град се убави на свој уникатен начин и поради тоа ми е тешко да правам споредби, но ако мора да изберам место на кое би се вратил уште еднаш, би се вратил во Непал, овој пат за да се искачам на Монт Еверест, а никако не би се вратил на островот Фи Фи во Тајланд, веројатно една од најпреценетите туристички дестинации во светот, полна со пијани туристи, хаотични забави и апсолутно никаква автентичност.

Интервју со Даниел Китески: Најголемите животни лекции се наоѓаат надвор од нашата комфорна зона

3. Дали постои дестинација која ги надминала твоите очекувања и дестинација што не ги исполнила твоите очекувања и можеби те разочарала?

Најголемото разочарување како што спомнав во претходното прашање беше островот Фи Фи. Местото е премногу комерцијализирано, а сликите изгледаат прекрасно и поради тоа многу луѓе имаат високи очекувања од островот, но реалноста е сосема поинаква. Дестинацијата која ги надмина моите очекувања беше Лаос. Лаос е мала земја во Југоисточна Азија која не излегува на море и не е посетена од многу луѓе бидејќи повеќето туристи одат на одмор во соседните држави Тајланд и Виетнам или пак, го посетуваат славниот Ангкор Ват во Камбоџа. Но, покрај сè, Лаос има што да понуди, посебно од аспект на природни убавини.

4. Која е твојата дестинација од соништата која сè уште не ти е посетена и кои места планираш да ги посетиш во скоро време?

Мојата најголема неостварена желба е еден ден да го посетам Антарктикот, додека на агендата за 2020 година се североисточниот дел на Индија, Иран и можеби Нигерија.

Интервју со Даниел Китески: Најголемите животни лекции се наоѓаат надвор од нашата комфорна зона

5. Колку долго се подготвуваш за едно патување и колку долго траат твоите патувања?

За да се подготвам доволна ми е една вечер, а патувањата траат онолку колку што ќе одлучам. Една од главните предности на блогерската кариера е фактот што може да се работи од каде било и не сум врзан со одредена дестинација.

6. Она што веројатно сите ги интересира, како успеваш да се издржуваш за време на твоите патувања? И воопшто, како ги покриваш трошоците за патување и престој?

Сега веќе е многу полесно бидејќи можам да си дозволам и повеќе патувања, а понекогаш престојувам во хотели во замена за промоција на мојата веб-страница, но на почетокот беше многу потешко. Најчесто престојував во хостели каде што запознав многу луѓе од различни страни во светот, а доста често го користев и онлајн-сервисот „Couchsurfing“ престојувајќи во домовите на луѓе од градовите во коишто патував. Но, и покрај сè што слушнав од луѓето кои се обидуваа да ме разубедат да не го користам „Couchsurfing“, немав ниту едно лошо искуство.

7. Дали си имал непријатни случки во текот на твоите патувања и како си успеал да се справиш со нив?

Да, секако дека сум имал и сè уште имам, посебно во земји каде што поради мојот физички изглед е очигледно дека сум турист. Многу луѓе се обидувале да ме измамат да платам повеќе за нешто што не вреди ни половина од цената што ја кажуваат, да ме вовлечат во некоја шема користена од ситни криминалци кои заработуваат на грбот на наивните туристи, а еднаш дури бев и ограбен од вооружени напаѓачи. Во такви ситуации најважно е да се остане со ладна глава. Секогаш пред да патувам некаде, гледам да научам колку што е можно повеќе не само за типичните измами со кои туристите на тоа место се соочуваат, туку и за културата на локалното население. Ова секогаш ми помага. Едноставно кажано, се надевам на најдоброто, но секогаш сум подготвен за најлошото.

8. Дали би сакал да споделиш некое незаборавно искуство што засекогаш ќе ти остане во сеќавање?

Во претходното прашање спомнав дека заедно со мојот тогашен цимер, Ришаб, бевме ограбени. Тоа се случи во едно планинско село во регионот Кашмир. Она што ме изненади беше тоа што сите луѓе кои ја слушнаа оваа приказна се потрудија да ни помогнат на некаков начин: бесплатен ручек во нивниот ресторан, голем попуст за престој во хотел или нудење бесплатен превоз до следниот град. Но, една работа која никогаш нема да ја заборавам е гостопримливоста на Таши, човек кој не само што се понуди да нѐ превезе до нашата следна дестинација, туку и ни ја отвори вратата од неговиот дом кога слушна за нашата приказна. Кај него останавме неколку дена, а за тоа време посетивме и еден угостителски објект кој неверојатно многу наликуваше на една класична балканска кафеана. За првпат по толку долго време се почувствував како дома и видов како разликата помеѓу „вие“ и „ние“ полека се губи, сфаќајќи дека луѓето од овие далечни земји и не се толку различни од нас.

Интервју со Даниел Китески: Најголемите животни лекции се наоѓаат надвор од нашата комфорна зона

9. Како те пречекуваат локалните жители на местата каде што патуваш и дали си се спријателил со некои од нив? Според твоето искуство, во кои земји живеат најљубезните и најгостопримливите луѓе, а во кои земји жителите не се многу пријателски настроени?

Во принцип, секаде има гостопримливи и негостопримливи луѓе, како што има и добри и лоши луѓе, без разлика на нивната етничка припадност или религија. Луѓето од земјите од западната хемисфера, каде што индивидуализмот е понагласен, се за нијанса постудени и не толку склони кон нови познанства, но откако ќе го пробиете тој прв заштитен слој и подобро ќе се запознаете, луѓето стануваат многу потопли. Во Јужна Америка и особено во Азија, луѓето се многу погостопримливи на прв поглед и пријателски настроени кон туристите. Овој факт можеби ќе изненади многумина, но како најгостопримлив регион го доживеав Кашмир. Изненадувачки е бидејќи регионот e растргнат од етнички и религиски тензии кои траат повеќе од 60 години, a вооружените пресметки се секојдневие и луѓето кои живеат овде имаат оправдани причини да бидат скептични кон секој странец што ќе го сретнат и кон неговите намери. Но, и покрај сè, факт е дека сè додека сте пријателски настроени и отворено покажувате почит кон локалната култура и кон нивните традиции и обичаи, може да очекувате топол прием и нови пријателства, без разлика каде патувате.

10. Дали би сакал да споделиш неколку совети со нашите читатели како да го направат своето патување незаборавно?

Најголемите животни лекции лежат надвор од нашата комфорна зона. Затоа, не плашете се да излезете од неа, не плашете се да се спријателите со локалните жители, правете работи кои тие ги прават, пробајте ја храната која тие ја јадат, потрудете се да научите нешто од вашето патување во странство, не одете никаде со големи очекувања и никогаш не судете за книгата според нејзините корици.

Прошетајте низ светот и со блогерката Софија Јанева.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар