Интересно психолошко видео детално ни ги открива видовите нарцизам

Интересно психолошко видео детално ни ги открива видовите нарцизам

Многу одамна, уште пред ерата на селфињата, античките Грци и Римјани имале мит за една личност која била опседната со својот изглед. Според една верзија од овој мит, Нарцис бил згоден маж кој патувал низ светот во потрага по љубов. Откако одбил нимфа која се викала Еко, тој го видел сопствениот одраз во река и се заљубил во него. Бидејќи не можел да се одвои од себеси, тој се удавил, а на местото каде што умрел, се појавило цвеќе кое било наречено нарцис, по него.

Овој мит ја доловува основата на нарцизмот, која вклучува претерано голема насоченост кон себеси. Но, спротивно на општото верување, не станува збор за само една карактеристика, туку за низа карактерни црти кои заедно го сочинуваат ова однесување. Психолошката дефиниција за нарцизмот е надуена и грандиозна слика за себе. На кратко, нарцисите веруваат дека се подобри во секој поглед од останатите и дека тоа некако ги прави поважни, па затоа и заслужуваат специјален третман.

Според психолозите, постојат 2 видови нарцизам – грандиозен и ранлив. Исто така постои и нарцистичко нарушување на личноста, но тоа е нешто сосема друго и многу посериозно.

Грандиозниот нарцизам е најчесто застапен меѓу луѓето и се карактеризира со екстровертност, доминантност и барање внимание. Овие луѓе бараат внимание и моќ, па затоа дел од нив стануваат политичари, славни личности или лидери. Секако, не сите што ги градат овие позиции на моќ имаат нарцистички карактерни црти. Многумина од нив го прават тоа од позитивни причини, како достигнување на својот целосен потенцијал или помагање на другите луѓе. Но, нарцисите го прават тоа поради вниманието кое го добиваат од овие позиции. Од друга страна пак, ранливите нарциси можат да бидат тивки и резервирани. Тие се цврсти во своите ставови дека нешто им припаѓа токму ним, но лесно можат да се почувствуваат загрозено.

Темната страна на нарцизмот се покажува на долг рок. Овие луѓе имаат тенденција да се однесуваат себично, па затоа нарцистичките лидери можат да носат ризични, па дури и неетички одлуки. Што се однесува до љубовта, тие можат да бидат неискрени и неверни. Кога нивниот „розов“ поглед кон себе е предизвикан, знаат да станат огорчени и агресивни. Тоа е како болест каде што оние кои страдаат од неа се чувствуваат многу добро, но луѓето околу нив страдаат. Токму ова однесување според психолозите е класифицирано како нарцистичко нарушување на личноста и се појавува кај 1 до 2% од целата популација, најчесто кај мажите. Исто така е и дијагноза резервирана за возрасните.

Интересно видео детално ни ги открива карактеристиките и видовите на нарцизмот

Според психолозите, постојат неколку карактеристики што се манифестираат кај оние со нарцистичко нарушување на личноста. Тие вклучуваат:

  • Грандиозен поглед кон себе
  • Проблеми со емпатија
  • Чувство дека нешто им припаѓа токму ним
  • Потреба за восхит и внимание

Проблемот кај ова нарушување е што личностите кои го поседуваат се ставаат себеси на прво место и не се грижат за останатите. Замислете да ги користите вашите сопружници и деца како начин да добивате внимание или пак, наместо да го прифатите конструктивниот критицизам и да се подобрите, вие на сите да им велите дека не се во право.

Па, што го предизвикува нарцизмот? Студиите со близнаци покажуваат силна генетска компонента, иако научниците сè уште не се сигурни за кои гени станува збор. Но, како и со сè останато, така и во овој случај околината исто така игра голема улога. Родителите кои ги ставаат своите деца на пиедестал можат да поттикнат развивање на грандиозен нарцизам, додека пак студените родители кои држат сè под контрола можат да предизвикаат ранлив нарцизам.

Изгледа дека нарцизмот е повисок во земјите кои ценат индивидуалност и самопромоција. Иако не е докажано дека социјалните мрежи создаваат нарцизам, тие без сомнение овозможуваат одличен начин за добивање на потребното внимание и социјалниот статус што им се потребни на нарцисите.

Имајќи го сè ова на ум, дали нарцисите можат да ги подобрат своите негативни карактеристики? Да! Сè што промовира искрена слика за себе и своето однесување, како и грижењето за другите, психотерапијата или вежбањето сочувство, може да биде од голема помош. Проблемот е што може да биде предизвик за оние со вакво нарушување да работат кон подобрување, но тоа не значи и дека е невозможно.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

  1. lordan haddadin Reply

    Mis Monika Trajkovska,

    BAs me vozhitivte so ovaa vasha pisho analiza.
    Za prvpat da procitam za ovoj tib na psihicna boles makar deneska site ja ima moze mal del no sepak e vo nasite misli, i toa moze da s edokaze so slikite na selfi na site profil Fb.
    Pozdrav i ve ocekuvam so drug interesen tekst.

Остави коментар