Интересни невролошки сличности кои ги имате со најдобриот пријател
Ако се обидете да се сетите, ќе сфатите дека со вашиот најдобар пријател или пријателка често имате слична мозочна активност, слично реагирате на некои појави, а уште поинтересно станува кога за нешто ќе дадете ист коментар. Неврологијата покажала дека луѓето навистина стануваат ментални близнаци со своите најдобри пријатели.
На колеџот Дартмоут била спроведена анкета врз 279 студенти кои одговарале прашалник за пријателството. Потоа на дел од нив им било извршено снимање со магнетна резонанца и им биле следени мозочните активности, додека гледале стари, но смешни видеоклипови, инсерти од вселената и инсерти од свадби. Според снимката, резултатите покажале дека колку е подлабоко пријателството, толку послична мозочна реакција имаат двете лица за едно исто нешто.
Овие резултати дури биле употребени и за да се поврзе кој со кого е најдобар пријател. Притоа, мозочната активност била слична, без разлика на возраста на пријателите, нивниот пол, националноста или етничката припадност. Она што уште не е јасно е дали пријателите се бираат меѓусебно на основа на сличностите, или пак сличностите се појавуваат по подолготрајно дружење. Според професорите на Дартмоут, големи се шансите да се случуваат и двата процеса.
Ова откритие може понатаму да придонесе во истражувањата за начинот на кој луѓето ги создаваат меѓусебните врски, како тие влијаат врз здравјето, но и врз други физички карактеристики на личноста. Исто така, активниот социјален живот, а особено времето поминато со добри пријатели го намалува ризикот од смртност за 50%, особено ако тие заеднички се откажат од цигари, започнат здрав живот или се запишат на фитнес.
Затоа, кога следен пат ќе се случи со најдобриот пријател да имате иста реакција за иста појава, знајте дека науката го објаснила тоа и дека е сосема нормално за луѓе кои секојдневно комуницираат да функционираат како еден мозок.
Дали сте ја забележале и вие оваа појава? Дали можеби со некого сте се спријателиле уште по самото запознавање? Прочитајте и како науката го објаснува феноменот пријателство на „прв поглед“.