Интересни факти за Непал
Непал е една од ретките земји каде во голема мера се зачувани традицијата и културата и покрај глобализацијата и модерниот начин на живеење. Така, секоја година оваа мистична земја е дестинација на илјадници туристи. Во продолжение прочитајте неколку интересни факти за земјата на Хималаите.
Дом на највисоката планина
8 од 10-те највисоки планински врвови во светот се наоѓаат токму во Непал. Како што ви е добро познато, овде се наоѓа и највисоката планина, Еверест, висока 8848 метри.
Дом на вториот најдлабок кањон во светот
Вообичаено, многумина ја асоцираат оваа држава со високите планини, но Непал е дом и на вториот најдлабок кањон, кањонот Кали Гандаки длабок 4375 метри кој се наоѓа на истоимената река.
Оригиналното име на планината Еверест
Највисоката планина на светот е именувана како „Еверест“ од страна на западњаците, предложено од Сер Ендру Во во 1865 година. Тибетското име на планината е Qomolangma што во превод значи „мајка на универзумот“, а на непалски е Sagamartha или „кралица на небото“. Шерпасите, етничка група на Непал, ја нарекуваат планината Chomolungma или „божица на земјата“.
Главниот град на Непал бил езеро
Според научниците, постојат многу научни докази кои потврдуваат дека долината во која е сместен главниот град на Непал, Катманду, некогаш била езеро кое било исушено во период долг 15.000 години.
Хиндуизмот е најважната религија во земјата на Буда
Иако непалското село Лумбини е родното место на Буда или Сидарта Гаутама, денес хиндуизмот има големо влијание врз непалското општество. До 2006 година, Непал била единствената држава во светот со хиндуизмот како официјална религија каде 80,6% од жителите се изјасниле како хиндуисти, 10,7% будисти, 4,2% муслимани и 3,5% припадници на други религии. Овие статистички податоци се дел од пописот извршен во 2001 година.
Дом на ендемски видови
Националниот парк Chitwan во Непал е истовремено и резерват на разноразни животни како азиски носорог, гангски делфин, индиски питон, кралска кобра и црвена панда. Освен тоа, резерватот е и едно од неколкуте засолништа на бенгалскиот тигар.
Откако прочитавте интересни факти за Непал, можеби ќе сакате да прочитате и за непалските ловци на див мед.
Извор: travelogyindia.com