Интересни факти за марихуаната
Со зголемувањето на бројот на држави во светот кои ја легализираат, марихуаната е застапена во медиумите и на вестите повеќе од кога било досега. Мислењето за оваа супстанца е поделено, и продолжува дебатата дали е штетна или не. Па, ако сакате да дознаете нешто повеќе за неа, продолжете со читање.
ТХЦ
Марихуаната се добива од листовите и цветот на растението наречено Канабис. Додека постојат 480 пронајдени хемикалии во ова растение, најголемо внимание има ТХЦ (тетрахидроканабил), која е активна состојка. Токму оваа состојка предизвикува еуфорија кај корисниците. Сепак, може да предизвика и визуелни халуцинации, анксиозност, депресија, екстремни варијации на расположението, како и параноја и психоза кои траат до 6 часа.
Трева со друго име
Според извештаите, постојат повеќе од 200 сленгови за марихуаната. Најчесто користени се: Мери Џејн, трева, ганџа, вутра, грање и слично, како и поколоритните имиња како зелена салата, трева за смеење, весел дим…
Бонгови, браунис колачиња и блант
Како што постојат стотици имиња за марихуаната, постојат и најразлични начини за нејзина употреба. Марихуаната може да се пуши како цигара замотана во блант (џоинт), може да биде инхалирана преку водени цевки (бонг) и сè друго што може да се искористи како бонг, дури и јаболко. Марихуаната исто така може да биде зготвена со храна, најчесто како состојка во браунис колачиња. И, најновиот метод е користење преку е-цигари.
411 на 420
Марихуаната долго време е поврзувана со бројот 420. Всушност, неофицијалниот празник е на 20 април (4/20), што уште не е јасно зошто. Многу луѓе мислат дека е поврзано со кодот 420 на полицијата во Њујорк или Лос Анџелес, кој е код за поседување марихуана. Сепак, ова е само урбана легенда. Најприфатено објаснување е дека во 1971 година, група средношколци во Сан Рафаел, Калифорнија, често се собирале во 4:20 часот да бараат напуштени поседи со марихуана, па така овој код станал популарен меѓу пријателите на оваа група.
Тревата и американските претседатели
Можеби ќе звучи изненадувачки, но постои голема историја помеѓу марихуаната и американските претседатели. Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон одгледувале коноп, што е растение од родот Канабис со помало ниво на ТХЦ. Друг одгледувач на коноп бил Џејмс Медисон. Што се однесува до претседателите кои всушност користеле трева, Џорџ Буш признал дека уживал во марихуаната, додека Бил Клинтон изјавил дека пушел, но не вдишувал. Барак Обама пак, има напишано за неговото користење марихуана во своите биографии.
Расизам и криминализација на марихуаната
Движењето за криминализирање на марихуаната во САД влече корени од расизмот. Во 20-от век, марихуаната била многу малку користена. Се поврзува со малцинствата, особено со Африканците и Шпанците. Имено, многу држави во 1910 година започнале со воведување на законот за забрана на марихуаната. Две декади подоцна, Хери Анслингер, шеф на Федералното биро за наркотици, во својата кампања го искористил расизмот за да се забрани оваа дрога. Да не ги спомнуваме неговите расистички коментари и претераните изјави за марихуаната како „најнасилната дрога во историјата на човештвото“ и „доколку пушите џоинт, најверојатно ќе го убиете својот брат“. Со помош на нетрпеливите медиуми, во 1937 година, законот бил усвоен и марихуаната била прогласена за илегална супстанца. Иако овој закон бил прогласен за неуставен во 1969 година, сепак наредната година бил заменет со законот за контролирани супстанци.
Мелодии на марихуаната
Марихуаната има долга историја со музиката. Всушност, Анслингер го нарекувал џезот „музика на сатаната“, бидејќи изведувачите на џез имале репутација на корисници на марихуана. За марихуаната често се пеело. Најпознати песни се „Mary Jane“, Рик Џејмс (1978), „Legalize it“, Питер Тош (1978), и „Rainy Day Women“, Боб Дилан (1966), иако Боб тврдел дека песната не е за марихуана. Во 2001 година, д-р Дре заедно со Снуп Дог (еден од најпознатите музичари на денешницата кои се познати по својата љубов кон тревата), имаа хит „The next episode“, која алудираше кај слушателите „пушете трева секој ден“! Еден од најпознатите поддржувачи од кантри музиката е Вили Нелсон, кој во 2012 ја објавил песната „Roll me up and smoke me when I die“, заедно со Снуп Дог.
Марихуаната и филмовите
Марихуаната ја достигнала својата популарност и во филмовите „Во чад“ (Up in Smoke – 1978), „Брзи времиња во Риџмонт Хај“ (Fast Times at Ridgemont High – 1982), „Големиот Лебовски (The Big Lebowski – 1998), „Полупечен“ (Half baked – 1998) и „Ананас експрес“ (Pineapple Express – 2008). Додека во овие филмови се прикажани хумористичните ефекти на марихуаната, сепак ги прикажуваат и нејзините опасности. Најпознат филм кој ја прикажал опасноста од марихуаната е „Риферово лудило“ (Reefer Madness – 1936), драма која прикажува како тинејџери стануваат зависници од марихуана, која завршува со лудило и убиство како краен резултат. Првично бил наменет да биде како предупредувачка приказна, но потоа завршил како филм за експлоатација. Денес се смета за култен филм.
Дознајте повеќе и за овие тампони со канабис против менструалните болки.