Инстинктот е глас што секогаш треба да се слуша: Како да го разбудите шестото сетило?
Психолозите велат дека ако го слушаме своето тело и сме свесни за сопствените чувства, има многу помали шанси да направиме грешка, следејќи го нашиот инстинкт. Доколку се чувствуваме загрозено, сетилата испраќаат дразба до мозокот да се држиме по настрана од ситуацијата. Истовремено, се појавува рационален глас кој ни вели да не бидеме смешни, тоа не е ништо опасно и веќе ни самите не знаеме како да постапиме.
Дали треба да се одлучиме за рационалниот пристап или едноставно да го послушаме својот инстинкт е дилема во секоја сфера при носењето одлуки, а тие (одлуките) стануваат многу поедноставни ако научиме да ја препознаваме и да веруваме во својата интуиција.
„Луѓето треба да научат да ја распознаваат разликата помеѓу инстинктот и стравот“, вели психотерапевтката Адиријана Ирвин и објаснува дека интуицијата е секогаш насочена кон нешто одредено.
Интуицијата не ни вели да бегаме од нешто, туку ни кажува што треба да направиме, а стравот нѐ тера на спротивното – да бегаме од ситуацијата. Интуицијата не е мистично претчувство, туку она што нашиот мозок несвесно го анализира пред тоа да се процесира во свесниот дел.
Разбирање на мозокот
Во светскиот бестселер „Моќта на размислувањето без размислување“, авторот Малком Гладвел објаснува како одлучувањето базирано врз интуицијата често доведува до подобар исход отколку одлучувањето со некои рационални алати како запишувањето на мааните и предностите на некои одлуки.
Скенирањето на мозокот на неколку доброволци открило дека еден дел од мозокот наречен вентрален паладиум, кој се наоѓа во големиот мозок, силно реагира на чувствата од нашата потсвест. Научниците тоа го нарекуваат инструментално учење, каде инстинктот ги препознава познатите ситуации и ни предложува моментален одговор пред да имаме време рационално да размислиме. Така куќата може да поттикне сеќавања од детството, гласот да потсети на блиските личности, а антипатичните луѓе да потсетат на некогашни непријатности.
„Ако одлуката се темели на длабоко потсвесни поттикнувачи, тешко дека таа ќе биде погрешна“, вели Гладвел.
Фокусирајте се на првиот одговор
Наместо веднаш да ја отфрлиме, треба да веруваме во нашата прва реакција на некоја ситуација. Може да излезе дека инстинктот всушност бил маскиран страв, но не треба автоматски да сметаме дека тоа чувство не вреди ништо и не може да донесе ништо паметно. Ако интуицијата нешто ни кажува, треба да ја пуштиме да се „доискаже“ и притоа неколку минути да процениме дали тоа има смисла или не.
Ако некоја личност интуитивно ни изгледа чудна, иако не направила ништо што би можело да укаже на ваквото мислење, треба да се фокусираме на анализата на нејзините постапки. Така можеме да собереме важни информации кои инаку би ги пропуштиле и да донесеме правилна проценка.
Предизвикајте го својот инстинкт
Експертите предложуваат да ги тестираме нашите инстинкти на блиските луѓе и семејството, почнувајќи со анализирањето на нивното расположение и намерите. Поентата на вежбите со саканите е елиминирање на факторите на стравот од интуицијата, за таа да може да ни го даде најдобриот увид во ситуацијата.
Не игнорирајте ја интуицијата
Неврологијата тврди дека интуицијата е активност која доаѓа од десната страна на мозокот, а се користи во деловите задолжени за емоциите, креативноста и иновациите, додека левата страна на мозокот е задолжена за фактичките и математичките анализи.
Една неодамнешна студија покажала дека луѓето кои носат одлуки без потоа да си ги објаснуваат себеси и на другите, се многу позадоволни и посреќни што постапиле токму така, а истражувањето од државниот Универзитет во Мисури потврдило дека позитивното размислување при одлучувањето, често се поврзува со нашите вистински желби и чувства. Научниците велат ако се чувствуваме добро и среќно тогаш и нашиот инстинкт работи подобро.