Инспиративни пораки на камења шират добрина и позитивност низ светот!
„На сите ни е потребна мала позитивност сега. Проширете малку добрина денес.“ Ова е главната порака зад проектот познат како „The Kindness Rocks“ (камењата со добрина). Станува збор за проект кој бил создаден од страна на животниот тренер Меган Марфи. Во едно интервју, таа изјавила дека идејата за проектот ѝ дошла откако се соочила со тешкотии при наоѓањето среќа како сопственик на мал бизнис. Затоа и често одела на плажа за да добие инспирација и насоки од своите родители, што трагично ги изгубила кога била во раните 20-тите.
„Бидејќи тие не се со мене физички, често им барам мали знаци или пораки во форма на срцевидни камења и парчиња морско стакло“, вели таа. „Секогаш кога ќе најдев нешто вакво, се чувствував многу поповрзана со нешто надвор од мене.“
Но таа не ни почнала да размислува за моќта на малите акти на добрина сè одека не отишла во Индија со својата ќерка. Таа била инспирирана од начинот на кој се однесувале со неа и ја сфатила неверојатната моќ на добро составените неколку зборови. Токму затоа и еден ден додека шетала на плажата, Марфи решила да напише неколку инспиративни пораки на камењата што таа секогаш ги барала, и потоа ги оставила на различни локации на плажата и си заминала. Брзо потоа веста за нејзините инспиративни камења се проширила и останатото е историја.
„Еден камен, една личност“, објаснува таа. „Ако пораката допре до одредена личност во вистинското време, а потоа таа личност сподели нова таква порака, што на некој друг ќе му помогне, се прави неверојатно голема поврзаност. Токму тоа и му е потребно во моментов на светов.“
Инспиративното движење се шири насекаде низ светот и секојдневно е сè поголемо. Некои градови дури почнале да составуваат сопствени групи каде што секој може да се вклучи да пишува инспиративни пораки. Иако се само мали камења, тие веќе прават огромна разлика во животот на луѓето, па затоа и се надеваме дека овој тренд ќе продолжи и ќе се прошири уште повеќе, притоа помагајќи им на сите на кои навистина им треба помош.