Инспиративна приказна за првите чекори на едно мало девојче
Сите родители се возбудени кога ќе ги видат првите чекори на своето дете, но сигурно не онолку колку што биле Мишел и Тим Нејгел. Парот од Coeur d’Alene, Ајдахо составиле краток филм наречен „Не се откажувајте“ во кој е опишана борбата на нивната 5-годишна ќерка во процесот на учење да оди откако ѝ било дијагнозирано ретко хромозомско нарушување.
Нејгелови првпат забележале дека нешто не е во ред со Идн кога имала само 6 месеци. Таа воопшто не се ни обидувала да ползи, имала проблеми со видот и многу тешко ѝ било да ја држи главата подигната нагоре. По посета на доктор, тие дознале дека таа страда од Двејнов синдром кој влијае врз нејзиниот вид така што ја лишува од периферниот вид. И за работите да бидат од лоши полоши, тие откриле дека таа има и недостаток во нејзиниот прв хромозом кој предизвикува проблеми во развојот. Докторите не биле сигурни дали Идн ќе биде доволно силна некогаш да може да оди сама.
Но, тоа не ги спречило Нејгелови да ја задржат надежта. Кога нивната ќерка имала само 8 месеци, таа почнала со физикална терапија. „И никогаш да не проодеше, ќе беше во ред,“ велат тие во видеото. „Најважното нешто за нас е да биде среќна и сакана.“ Семејството го добило својот најголем подарок едно Божиќно утро кога таа имала 2 години. Идн за првпат можела да ползи. „Кога видовме дека ползи, бевме пресреќни,“ вели Мишел. „Бевме целосно вчудовидени од нејзината упорност.“ Таа продолжила со физикалната терапија и на 4-годишна возраст се случило невозможното, ги направила своите први самостојни чекори.
„Бевме без зборови и солзите сами ни надоаѓаа,“ вели Мишел. „Не бев сигурна дали некогаш ќе ја видам како оди сама, но во моментот кога тоа се случи, ја прегрнав силно и заедно славевме, се смеевме и плачевме.“
Мишел која работи како фотограф на настани, составила кратко инспиративно видео за патот на Идн со цел да ги охрабри никогаш да не се откажат сите оние кои се борат со било какви потешкотии.
Идн која ќе наполни 6 години на 24 април, денес може да оди па дури и да трча сама. Таа сѐ уште се бори со одржувањето на рамнотежа и со нејзиниот говор, но е на добар пат до успех.
„Овие денови таа ни бара забави со танцување пред спиење,“ вели Мишел. „Нашето девојче кое еднаш едвај седеше исправено сама, денес бара да танцува околу дневната соба. Јас секогаш ќе велам ‘да’ за танцова забава. Секогаш.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.