Идеи за еднодневна екскурзија за 1 Мај

Идеи за еднодневна екскурзија за 1 Мај

Постојано велиме „Македонија е прекрасна.“ Но, колкав број од вас всушност ја виделе таа убавина со свои очи? Искористете го слободниот ден за овој 1 Мај и организирајте незаборавна еднодневна екскурзија за вас и вашите најблиски на место каде што не сте биле никогаш до сега. На тој начин, барем малку подобро ќе ја запознаете Македонија и со сигурност ќе имате поинакво искуство од овој ден кое долго ќе го паметите.

Еве кратка листа на идеи кои ќе ви помогнат со изборот и доколку имате и вие некоја добра идеја споделете ја со нас.

Беровско езеро – Берово

Идеи за еднодневна екскурзија за 1 МајБеровското езеро се наоѓа на околу 5 километри од градот Берово. Поради високата надморска височина на која се наоѓа, нема многу високи температури и е многу пријатно за дневна посета. Областа околу езерото е совршена за првомајски пикник, додека пак за оние со поавантуристички дух има прекрасни шумски патеки за мала прошетка. На враќање, доколку имате време посетете ги и водопадите во Пехчево кои се наоѓаат на околу десетина километри од Берово.

Колешински водопади – Струмица

Идеи за еднодневна екскурзија за 1 МајКолешинските водопади се наоѓаат на северниот дел од планината Беласица, во долниот тек на реката Баба. Тие се едни од највисоките водопади во Македонија со висина од 15 метри. Доколку имате вишок енергија и сте расположени за прошетки, оваа локација е совршена за вас, бидејќи на околу 100 метри од овие водопади се наоѓаат неколку помали водопади, распоредени во низа со височина од 2 до 4 метри. Секој од нив има сопствена убавина по која се одликува.

Маркови кули – Прилеп

Идеи за еднодневна екскурзија за 1 МајМарковите кули се тврдини од средниот век кои го добиле името според кралот Марко, најпознатиот јунак на епското народно творештво во Македонија. Тие се наоѓаат во централниот дел од Македонија, во близина на градот Прилеп. Доколку никогаш не сте ги посетиле, оваа година е вашата шанса за тоа. Ќе си поминете одлично со најблиските и истовремено ќе научите нешто ново за историјата на Македонија.

Корабски (Пројфелски) водопади – Кораб

Идеи за еднодневна екскурзија за 1 МајОваа локација е совршена за авантуристите и за оние кои сакаат цел ден да го поминат во одење. Корабскиот водопад се наоѓа во горниот тек на Длабока Река, на планината Кораб. Се јавува во пролетните месеци поради топењето на снегот. Најдобриот пристап до водопадот е преку долината на Длабока Река. До него можете да стигнете од левата страна на реката преку селата Нистрово и Жужње или пак, од десната страна преку Бибај покрај врвот Кабаш. Дел од патеките се тесни и слабо обележани, а на неколку места треба да се преминува реката преку необезбедени премини, така што за оваа авантура добро би било доколку бидете со некој кој ја познава областа.

Опсерваторија Кокино – општина Старо Нагоричане

Идеи за еднодневна екскурзија за 1 МајДоколку ви е здодеано од традиционалните првомајски собири, оваа локација е создадена за вас. Кокино се наоѓа на врвот Татиќев Камен, на 35 километри од Куманово, а името го добило по селото кое се наоѓа во близина. Најинтересното за оваа локација е што е создадена во 1800 година п.н.е и била употребувана за следење на циклусите на Сонцето и Месечината, како и за мерење на времето.

Кањон Матка – Матка

Идеи за еднодневна екскурзија за 1 МајСе наоѓа на 17 километри од Скопје и е кањон на реката Треска (која е десна притока на Вардар). Оваа област изобилува со неверојатни пештери и голем број цркви и манастири. Од пештерите најмногу се издвојува Врело, која е една од најдлабоките во таа област. Дел од оваа пештера е над вода, а другиот дел е подводен. Во длабочината на пештерата се наоѓаат и две езера, Мало и Големо Езеро кои имаат и своја плажа.

Осоговски Манастир – Крива Паланка

Идеи за еднодневна екскурзија за 1 МајМанастирот Св. Јоаким Осоговски кој е стар околу 1000 години се наоѓа на 3 километри од Крива Паланка. Дабовата шума која се наоѓа околу него е совршена за кратка прошетка со најблиските. Откако ќе завршите со посетата на манастирот како и со шумските прошетки, посетете го и рибникот Гиновци кој се наоѓа на 2 километри пред Крива Паланка. Тоа е одлично место за семејна скара и првомајски пикник.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

  1. DarMar Reply

    Odlicna tema ste otvorile, bravo!
    Eden od retkite sajtovi koi se odlucija da ne potsetat na ubavite mesta koi gi imame vo nasata Makedonija….

    Moj licen favorit e Berovskoto ezero 🙂

  2. Michael Reply

    BEROVO <3

  3. Blagica Reply

    Предлог

    ,, Камени Кукли ” – Куклица – Кратово

Остави коментар