Храм кој со векови бил „заробен“ под снегот денес е туристичка атракција!

Храм кој со векови бил „заробен“ под снегот денес е туристичка атракција!

Храмот Кедарнат е еден од најважните хинду храмови во Индија. Се наоѓа во северниот дел на земјата, во хималајскиот синџир Гарвал, на изворот на реката Мандакини, на височина од 3584 метри. Храмот не само што се наоѓа на живописна локација туку може да се пофали и со неверојатна приказна.

Храм кој со векови бил „заробен“ под снегот денес е туристичка атракција!

За Хиндусите, Кедарнат е суштинска точка на неколку хинду места за аџилак затоа што го претставува еден од дванаесетте храмови на богот Шива, свето место во кое Шива се манифестирал.

Но Кедарнат, изграден во осмиот век, е и чудо од градба со оглед на тоа што успеал да опстане низ вековите и да не им подлегне на природните катастрофи.

Со векови под мразот

До почетокот на дваесеттиот век, храмот бил под снег и мраз, и тоа речиси четиристотини години. Всушност, за време на малата ледена доба која траела од околу 1300 до околу 1900 година, целата област Кедарнат била дел од глечерот Чорабари. Истражувањето на Институтот за хималајска геологија покажало дека Кедарнат го преживеал овој период без никаква штета. Изграден од камени блокови поврзани со железни стеги, очигледно е дека е совршено дизајниран за теренот на кој е поставен и за природните катастрофи што го погодуваат, како што била страшната поплава во 2013 година во која загинале четири илјади луѓе и која уништила речиси дванаесет илјади куќи во таа област, додека храмот бил неоштетен.

Хиндусите веруваат дека Кедарнат е живеалиштето на Шива и дека е изграден од Пандавите, еден од народите од Махабхарата, и дека многу порано од осмиот век, кога храмот бил реновиран, Пандавите, по битката на Курукшетра, побарале од Шива да се искупи за гревовите, но Шива избегал од нив така што се преправил како бик и така скитал по овој предел од Хималаите. Еднаш Пандавите го забележале, но Шива се нурнал во земјата и Бхим, еден од петте браќа Пандава, успеал да го фати за грбот. Затоа камената статуа на бик го чува влезот во храмот.

Пеш, со пони или со хеликоптер

До Кедарнат може да се стигне пеш или на коњче од блискиот град Гаурикунд, до кој има редовни автобуски линии од Харидвар, Ришикеш, Дехрадун и други поголеми градови на индиската сојузна држава Утараканд. Најблискиот аеродром е Џоли Грант во Дехрадун, најблиските железнички станици во Ришикеш и Котдв кои работат до октомври, а препорачливо е да се избегне сезоната на монсуните поради појава на поплави и лизгање на земјиштето.

Во текот на зимата, кога не може да се стигне до храмот поради снегот, светите предмети се носат во храмовите на пониски височини, бидејќи само храмот Калпешвар е отворен во текот на целата година.

Доколку се одлучите да го посетите овој предел, не смеете да ги пропуштите и убавите природни места како глечерските езера Ганди Саровар и Васуки Тал кои се познати по својата убавина.

Откако прочитавте за овој хиндуистички храм, можеби ќе сакате да ги прочитате и 8-те хиндуистички учења за животот.

Извор: punkufer.dnevnik.hr


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Вљубеничка во книжевноста, музеите и патувањата. Исто како и Борхес, рајот си го замислува како огромна библиотека.

Поврзани содржини

Остави коментар