Хотели со незаборавни погледи
Без разлика дали удобноста и луксузот на хотелот ви се од примарна важност кога патувате или можеби едноставно ви е важно само да имате чисто место каде да преспиете додека истражувате нови агли на светот, убавиот поглед секогаш додава нова димензија на уживањето. Општо познато е дека најубавите соби се тие со најубав поглед и секако имаат „најинтересна“ цена, но судејќи според сликите подолу, едноставно вреди да се работи цел живот само човек да се разбуди на некое вакво место.
Wolwedans – природниот резерват Намибранд, Намибија
Волведанс е повеќе од само атрактивна дестинација за сафари искуство. И покрај својата популарност, местото во голема мера останало недопрено од човечката рака благодарение на традицијата за едноставен живот и поврзување со природата. Страсно ја поддржуваат својата парола за екотуризам која повеќе е насочена кон доживување на овој резерват, отколку негово искористување до максимум.
Сместен во бескрајните дуни и опкружен со недогледен пустински пејзаж, хотелот Волведанс е совршено место за оние кои сакаат да ги спојат во едно авантурата и луксузот. Внимателно одбраниот ентериер со дрвена платформа дава чувство на интимна камперска атмосфера, но самите услови кои ги нуди можат да се мерат со најсофистицираните хотели во светот. А погледот е дефинитивно уникатно искуство.
Jade Mountain Resort – Соуфриере, Св. Лусија
Утрата во овој резорт со поглед кон планините Petit и Gros Piton кои се издигаат од сјајното синило на Карипското море мора да се незаборавни! Архитектот и сопственик Ник Троубецкој (среќник!) има вложено големи напори, а богами и големи пари за да го создаде ова чудо од хотел кое нуди максимално уживање и е во совршена хармонија со природата.
Во резортот кој опфаќа 600 хектари тропска убавина спаѓаат 40-тина „светилишта“ со приватни базени, пристап до преубавите плажи како и плантажа на која си одгледуваат сопствена органска храна. Собите немаат телевизори и слична технологија со цел да се задржи чувството на поврзаност со природата и да им се пружи на гостите вистински одмор и целосно уживање.
Lebua, Стејт Тауер – Бангкок, Тајланд
Ако се прашувате кое би било најдоброто место на светот да го поставите судбоносното прашање, најверојатно тоа е хотелот Лебуа во Бангкок. Поглед врз прекрасната метропола со безбројните светла кои ја красат ноќта и ниту една девојка не би можела да каже „не“. Ресторанот на отворено Сироко спаѓа во рамките на хотелот и е познат по феноменалниот декор, беспрекорната услуга и секако поглед од кој едноставно запира срцето.
Conrad Rangali Island Resort – Малдиви
За убавините на ова место може многу да се пишува, но во суштина доволен е само еден збор – рај! Симпатичните вили сместени во азурните, кристално чисти води се навистина најубавото можно сместување за егзотичен одмор. Овој резорт се наоѓа на два приватни острови познати по својата убавина и уникатното доживување кое го нудат.
Згора на сè, резортот нуди и вечера скоро 5 метри под вода, каде што можете да пиете шампањ, да пробате разни деликатеси, кои сигурно нема да ги најдете на друго место и секако, да уживате во незаборавниот поглед на океанскиот подводен живот.
Oberoi Wildflower Hall – Шимла, Хималаи
Овој хотел е дел од феноменалниот Оберои резорт и има соодветно и специфично име – Сала Диво цвеќе. Вгнезден на 2.515 метри и опкружен со густата борова шума на прекрасните Хималаи, овој хотел е вистинско прибежиште од остатокот на светот. Пријатната атмосфера и вешто дизајнираниот простор со дрвени плафони, богато украсени соби и извонредни уметнички дела создаваат чувство на врвно, луксузно одморалиште.
Но, она што ги привлекува посетителите не е ентериерот на хотелот туку она што ги очекува кога ќе погледнат надвор од своите соби. Пејзажи кои оставаат без здив, а се протегаат од рестораните, надворешното џакузи, топлиот базен и секако бројните патеки за оние кои обожаваат да пешачат. Совршено!
The Twelve Apostles Hotel and Spa – Кејп Таун, Јужна Африка
Во овој хотел навистина не е важно на која страна гледа собата, зашто каде и да се свртите ве очекува неизмерна убавина. На едната страна се наоѓа Table Mountain National Park којшто е заштитен од УНЕСКО и скоро се најде на листата на новите 7 светски чуда, а од другата страна широкото пространство на Атлантски Океан чија што површина од време на време ја разигруваат китови и делфини со нивните скокови. Бајковито нели?
Hilton Embassy Suites – Нијагарини водопади, Канада
Претседателските апартмани во овој светски прочуен ланец хотели, сместен во близина на популарните Нијагарини водопади, имаат убедливо еден од најспектакуларните погледи. Со самото тоа што станува збор за претседателски апартмани се подразбира дека нудат комоција и луксуз, но погледот кон ова чудо на природата можат да си го дозволат и оние кои немале среќа да бидат сместени во нив. Истиот поглед го има и ресторанот на хотелот кој се наоѓа на 9-ти кат, со огромни прозори за непречено уживање.
Hotel Caruso – Равело, Италија
Сместен на крајбрежјето Амалфи, хотелот Карузо нуди вистинско медитеранско уживање. Станува збор за палата од 11 век која што Италијанците умешно ја имаат претворено во стилски хотел, секако со современи услови и стандарди, но со шмек на класика и историско наследство. А, бисерот на хотелот е всушност бескрајниот базен на покривот за којшто среќниците велат дека е неповторливо искуство и место каде што се спојуваат морето и небото.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
NEMA SANSI NA 8250 METRI DA IMA GUSTA BOROVA SUMA