Градот на љубовта: 10 идеи за романтично патување во Париз
Автор: Сања Петровска
Романтичен е само една од придавките кои редовно го красат името на оваа преубава европска метропола и главен град на Франција. Дури може да се каже дека зборот романтика е синоним на Париз за кој дефинитивно се искористени сите суперлативи на придавки кои само позитивно ја опишуваат неговата убавина и уникатност. Луѓе од цел свет го посетуваат Париз кој немарно и безобразно ги воодушевува со секој направен чекор низ него, во кое било годишно време и поради која и да е причина што ги одвела таму. Париз ќе ве маѓепса во секоја смисла на зборот, а некои места се створени за романса и љубов.
1. Pont des Arts (Мостот на уметноста)
Мостот над реката Сена, кој нуди еден од најромантичните погледи кои го одземаат здивот и е место каде многу парови заклучуваат катанец кој ја овековечува нивната љубов. Истовремено овозможува неверојатен панорамски поглед врз едни од најголемите знаменитости на Париз како музејот Лувр и катедралата Нотр Дам.
2. Jardins du Trocadéro (Градините на Трокадеро)
И додека сите чекаат во ред за да се искачат на Ајфеловата кула, вие најдете си место во Градините на Трокадеро кои се совршени за да се одморите и уживате во бакнежот и прегратката на вашиот/ата сакан/а. Не изненадувајте се доколку не сте единствениот пар кој ужива на истиот начин во овој преубав парк.
3. Pont-Marie (Мостот Мари)
Според легендата, желбата која ќе ја замислите под овој мост додека го бакнувате вашиот партнер ќе ви биде остварена. Мостот е познат и како мост на заљубените, а вашата желба може да ја замислите кога ќе се најдете токму под него крстарејќи по реката Сена.
4. Parc des Buttes–Chaumont (Паркот Бут-Шомон)
Вкусот на неверојатна природа, цвеќиња во сите бои и мириси, зеленило на сите страни, карпи и водопади – поглед кој вреска романтика додека се бакнувате со вашиот/ата сакан/а искачени во колибата од која имате прекрасен поглед кон Париз.
5. Laperouse (Ресторанот Лаперуз)
Еден од најромантичните ресторани во Париз кој се наоѓа на брегот на реката Сена. Елеганцијата и комфорот ќе ве воодушеват, а приватните салони за вечера и кадифените каучи ќе ви ја овозможат сета романтика која ви е потребна за да уживате во незаборавна вечер со личноста која ја сакате.