Гневот е многу поштетен за вашето здравје од тагата

Гневот е многу поштетен за вашето здравје од тагата

Лутината и гневот повеќе му штетат на здравјето на постарите луѓе за разлика од чувството на тага. Научниците сметаат дека гневот може да ги зголеми воспалителните процеси поврзани со хроничните болести како артритис, рак и проблеми со срцето.

Гневот е многу поштетен за вашето здравје од тагата

Во Монтреал било спроведено истражување во кое учествувале 226 испитаници на возраст од 59 до 93 години. Главната авторка на истражувањето, Меган А. Барлоу од Универзитетот Конкордија, изјавила дека гневот има влијание врз она што постарото население веќе не може да го прави како во младоста. Тие потешко се справувале со губењето на брачниот партнер, а нивната физичка подвижност повеќе не е иста.

Меган истакнала дека истражувањето покажало дека за разлика од тагата, гневот и лутината кај постарите личности можат да резултираат со развој на хронични болести. Истражувањето било спроведено за да се утврди дали лутината и тагата влијаат врз развојот на воспалителни процеси и на природниот имунолошки одговор на организмот против инфекции или оштетување на ткивото.

Општо гледано, воспалителните процеси му помагаат на организмот да се заштити од болести и придонесуваат во заздравувањето на оштетеното ткиво. Но долготрајните воспаленија резултираат со хронични болести во третата животна доба.

Научниците ги групирале испитаниците во две групи – помлади (од 59 до 79 години) и постари (над 80 години). Во период од една недела, испитаниците пополнувале прашалник за тоа колку се гневни или тажни.

Научниците земале и примероци крв од испитаниците и утврдувале дали во нивните организми се развил некој воспалителен процес. Исто така, испитаниците кажувале дали имаат какви било хронични болести поврзани со нивната возраст.

Се покажало дека секојдневното чувство на гнев било поврзано со повисоки воспалителни параметри и хронични болести кај луѓето над 80 години. Сепак, истото не важело за помладите испитаници. Истражувањето покажало дека чувството на хронична тага не било поврзано со развојот на воспаленија или болести.

Имено, тагата кај постарите испитаници дури и им помагала да се прилагодат на физичкото и когнитивното ослабување кое доаѓа со годините, бидејќи едноставно се помириле со фактот дека некои цели повеќе никогаш не можат да ги исполнат.

Истражувањето покажало дека не сите негативни емоции се лоши и дека во одредени околности можат да бидат и корисни.

Научниците истакнале дека гневот и лутината понекогаш можат да бидат мотивација за исполнување на некои животни цели. Поради ова, и помладите и постарите би требало да ги користат како поттик за надминување на животните предизвици.

Погледнете и кои се разликите помеѓу привремената тага и депресијата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар