Гледањето хорор филмови буквално ја смрзнува крвта
Сигурно сте ја слушнале изреката дека нешто може да биде толку страшно што „ја смрзнува крвта во вените“. Најновото истражување покажува дека тоа навистина се случува. Група холандски истражувачи докажале дека гледањето хорор филмови може да предизвика необични реакции во нашето тело.
Научниците откриле дека гледањето страшни филмови го активира протеинскиот фактор VIII, кој влијае на коагулацијата на крвта. Меѓутоа тие напоменуваат дека фановите на вакви филмски остварувања немаат причина за паника и дека и понатаму можат слободно да гледаат драми за вампири и останати страшни авантури.
Во оваа интересна студија, холандските истражувачи ја анализирале крвта на 24 здрави млади лица откако им дале да го гледаат филмот со паранормални појави „Insidious“. Нивна цел било да откријат дали стравот, како што се верувало во средниот век, навистина ја „смрзнува крвта“. Тестовите покажале дека после гледањето на филмот, кај учесниците наеднаш пораснало нивото на протеинскиот фактор VIII, што не се случило кај лицата кои гледале патеписна репортажа.
Просечниот раст од преку 11 IU/dl (меѓународна единица/децилитар) на протеинот во крвта на исплашените гледачи, може да се протолкува како имање 17% поголеми шанси за добивање венска тромбоза. Сепак, научниците не успеале да воспостават каква било врска помеѓу стравот и другите коагулативни протеини.
Иако гледањето страшни филмови предизвикува коагулација, тоа не доведува до создавање тромбови. Всушност, со коагулацијата на крвта во моментите на страв нашето тело се обидува да го ограничи евентуалното крвавење, објаснуваат научниците и додаваат дека треба потемелно да се истражи овој биолошки механизам.