Фотографиран е црн леопард од Африка за прв пат по 100 години
Вил Бурард Лукас е фотограф на дивиот свет од 2010-та година. Во 2013-та година ја основал компанијата Camtraptions Ltd. за да ги претвори неговите изуми за оваа професија во продукти достапни и за другите професионалци. Целата негова напорна работа е совршено прикажана на неговите последни фотографии.
На 11-ти февруари во Лаикипија, Кенија, Вил направил неколку фотографии од див црн леопард со помош на „стапици“ за фотографирање. Ова е прв пат животното да биде фотографирано во Африка од 1909-та година.
Крзното на женскиот леопард е црно поради меланизам, ретка генетска мутација која резултира со преголемо производство на пигмент. Оваа мутација е спротивна од албинизмот. Иако леопардот гордо го носи црното крзно во текот на денот, неговите дезени можат да се видат навечер со помош на инфрацрвено светло.
„Фотографиите беа направени во кампот за диви животни Лаикипија во Кенија со стапици со камери од Camtraptions. Секоја стапица е направена со сензор за движење којшто безжично активира високо квалитетна камера и 2 или 3 блица. Ги оставам овие камери на едно место со денови, па дури и недели, за да ги фотографирам дивите животни“, изјавил Вил.
Најголемиот предизвик за фотографот бил каде да ги постави неговите стапици.
„Кога слушнав дека бил виден црн леопард во кампот во Лаикипија ги контактирав сопствениците, Стив и Анабел Кери, за да откријат повеќе. Стив потврди дека тоа беше вистина и кажа дека имал видено неколку црни леопарди низ годините. Кога пристигав во Лаикипија, Стив ме однесе да ја сретнам Луиза Анкилото која неодамна забележала црн леопард. Таа ми кажа сè што знаеше за навиките и за територијата на леопардот.“
„Потоа Стив најде свежи траги од леопардот во близина и ги следевме до пат кој изгледаше како да е користен од него. Ги поставив стапиците на оваа патека и таму ја направив првата фотографија од црниот леопард.“