Филозофијата на Фридрих Ниче: Луѓето не сакаат да бидат среќни
Сите сакаме да бидеме среќни, се согласувате? Кој не би сакал да пронајде вистинска среќа?! Секако дека не би жртвувале буквално сѐ за да уживаме, но сите сакаме да ги правиме работите што ни причинуваат задоволство. Постојат еден куп лекови кои ги решаваат проблемите со депресија, а методите на постигнување среќа се продаваат и рекламираат како нешто што можете да го добиете во секое време и што треба да го посакувате повеќе од сѐ друго на светот.
Идејата за потрагата по среќа е толку многу вкоренета во нашата замисла за убав живот што била прогласена за неоспорливо право од страна на Томас Џеферсон. Според многумина, среќата е она што му дава смисла на животот. Тешко е да се прифати фактот што постојат размислувања кои сугерираат дека не треба ни да се обидувате да бидете најсреќни што можете.
Еден од филозофите кој го застапувал таквото размислување е Фридрих Ниче. Крајниот резултат од потрагата по среќа е задоволството, а според Ниче тоа е залудно трошење на човечкиот живот. Токму затоа, тој изјавил:
„Човештвото не се стреми кон среќата, само Англичаните го прават тоа.“
Неговите зборови се однесуваат на англиската филозофија на утилитаризмот и нејзиниот фокус на постигнување комплетна среќа. Тој ја негира оваа филозофија во неговата парабола на „Последниот човек“, патетично битие кое живее во период кога човештвото ја „измислило среќата“. Според Ниче, последните луѓе биле среќни, но глупави.
Наместо тоа, Ниче се посветил на идејата да ја пронајде смислата на животот. Тој сметал дека натчовекот (Ubermensch) и неговиот став околу смислата на животот треба да се земе како алтернативна верзија на последниот човек. Ниче ја понудил идејата дека луѓето треба да бидат подготвени да поминат низ големи страдања во име на целта што си ја поставиле. Дали мислите дека Микеланџело уживал додека го сликал таванот на Систинската капела? Никола Тесла имал изјавено дека животот во целибат бил неопходен за да може целосно да ѝ се посвети на работата, но затоа, пак, постојано се жалел дека е многу осамен.
Дали тоа е среќа? Ако овие големи умови сакале да бидат среќни, дали би направиле толку големи дела? Според Ниче, одговорот е не. Не би постигнале толкав успех. Наместо тоа, тие одбрале да трагаат по смислата и ја нашле. Тоа е она што го сакаат луѓето.
И психолозите се согласуваат со ова мислење. Психологот Виктор Франкл сметал дека клучот за добар живот е да се најде смисла и тој одел дотаму што се обидувал да му даде позитивно значење на страдањето за да им помогне на неговите пациенти да продолжат понатаму. Неговите идеи, кои биле објавени во неговото најпознато дело „Човечката потрага по смисла“ (Man’s Search for Meaning), биле инспирирани од времето што го поминал во концентрационен логор. Во неговите белешки тој имал запишано дека луѓето кои поминале низ незамислив ужас, успеале да продолжат понатаму благодарение на потрагата по смисла, а не по среќа.
Според Ниче, тука станува збор и за утилитаристичка математика. Тој тврдел дека оние кои правеле големи дела, страдале многу. Оние кои правеле мали дела, страдале површно. Токму затоа последниот човек е толку глупав. Единствените работи што му носат голема среќа се глупавите ситуации и врски, а не активностите што предизвикуваат страдање и кои нам би ни биле интересни.
Овој проблем се нарекува „парадокс на среќата“. Активностите што го зголемуваат чувството на задоволство, не се многу значајни. Ниче го разбрал и го посочил овој проблем:
„Радоста придружува, радоста не придвижува напред“.
Човекот кој ужива да собира поштенски марки, не го прави тоа затоа што му носи среќа, туку затоа што му е интересно. Среќата е само несакана последица. Човекот кој со години страда за да направи ремек-дело не станува среќен поради самата активност, туку наоѓа среќа во убавината што ја создал како краен продукт.
Секако дека постојат и спротивставени размислувања. Големиот мислител од Англија, Бертранд Расел, го критикувал Ниче во неговото ремек-дело „Историја на западната филозофија“ (A History of Western Philosophy). Тој строго го осудил Ниче поради неговите идеи за прифаќање на страдањето и ги нарекол „брутални“. Расел ги споредил идеите на Ниче со оние на сочувствителниот Буда, преку замислениот директен говор на Ниче:
„Зошто да се жалиме затоа што обичните луѓе страдаат? Или затоа што големите луѓе страдаат? Обичните луѓе страдаат површно, големите луѓе страдаат многу, а не треба да се каеме поради големите страдања, бидејќи тие се благородни. Твојот идеал е сосема негативен. Отсуството на страдање може да се оствари само преку непостоењето. Јас, од друга страна, пак, имам позитивни идеали. Јас му се восхитувам на Алкивијад, на императорот Фредерик Втори и на Наполеон. Во име на таквите луѓе, секоја мизерија вреди да се преживее.“
Наспроти ова, Расел ги споредува идеите на Буда и тврди дека непристрасниот набљудувач секогаш би застанал на негова страна. Расел ја обвинил филозофијата на Ниче како зачеток на фашизмот, само поради тоа што се засновала на болка.
Иако можеби трагате по нешто поголемо од самата среќа, дали сте подготвени да страдате за да го добиете тоа? Ниче сметал дека луѓето би се откажале од сѐ за да постигнат поголема цел. Но, некои не би се согласиле со ова. Дали воопшто сте способни да трагате по среќата и да ја добиете? Или можеби Ниче бил во право кога тврдел дека мора да се сконцентрирате на смислата за да добиете барем малку надеж дека на крајот ќе бидете наградени со чувство на задоволство? Што мислите вие на таа оваа тема?
Доколку ве интересира филозофијата и оваа тема успеа да го заскокотка вашиот ум, прочитајте ги овие 8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време.