Еве што значат сите оние „чудни“ однесувања на вашата мачка
Мачките се прекрасни суштества кои може да ви бидат одлично друштво, но, понекогаш тие може да ве остават збунети со нивното однесување. За подобро да ги разберете своите прекрасни домашни миленици, во продолжение ви прикажуваме објаснувања на десетте нивни најчудни однесувања.
1. „Разговараат“ со птиците
Кога ги гледаат пиците низ прозорецот, мачките често почнуваат да испуштаат звук сличен на чкртањето со забите. Експертите кои се занимаваат со однесувањето на мачките не се целосно сигурни зошто тие го прават тоа, но претпоставуваат дека на тој начин искажуваат фрустрација затоа што не можат да излезат надвор и да ги дофатат птиците. Други пак мислат дека брзите движења со вилицата се дел од инстинктот со кој мачките ги подготвуваат своите мускули за убивање на пленот.
2. Ги „чешаат“ лицето и брадата од луѓето
Мачките го прават ова со оние со кои се блиски. Според советниците за однесување на домашните миленици, мачките на брадата имаат мирисни жлезди и на тој начин споделуваат фацијални феромони со нивните сопственици. Со оваа симпатична постапка мачката го поздравува и му дава до знаење на својот сопственик дека му верува и дека се чувствува сигурно. Ако вашата мачка не го прави ова, тогаш не треба да се грижите, можеби не е таков тип.
3. Ви носат „дарови“
Мачките сакаат да се пофалат со својот лов, така што пред нивните сопственици носат мртво глувче, птица или некој инсект. Бихевиористите имаат неколку теории зошто тие го прават ова. Една од нив е таа дека мачката го имитира однесувањето на својата мајка која ѝ носела мртов плен додека била млада. Можеби пак вашата мачка сака да го сподели својот плен со вас за да ви се заблагодари за тоа што ја храните или пак сака да го сподели својот успешен лов со вас и да ви даде до знаење дека ве смета за свој пријател. Имено, за дивите мачки специфично е тоа што вишокот храна кој веќе не им е потребен, им го носат на другите, особено на малите и на мајките кои дојат.
Со други зборови, можеби вашата мачка сака да ви помогне да имате доволно храна. Во вакви моменти важно е да не ја казнувате, затоа што таквото однесување е дел од нејзината природа. Како домашни миленици, мачките може да бидат многу поврзани со нивниот сопственик и спротивно на вообичаеното мислење, тие навистина ги сакаат своите сопственици, а носењето на уловениот плен е само еден пример за тоа! Тешкотии се јавуваат кај оние мачки кои премногу време се оставени сами.
4. Жвакаат пластика и други необични работи
Ако вашата мачка жвака пластика, нечистотии, тепих, жици, волнено ќебе и слични предмети, најверојатно страда од состојба која може да е последица од дигестивни проблеми или тегоби. Како што луѓето ги гризат своите нокти или си играат со нивната коса кога се нервозни, така и мачките жвакаат предмети кога чувствуваат тегоби. Обрнете внимание доколку таа се однесува на овој начин, затоа што предметите кои ги жвака може да ѝ предизвикаат проблеми. Ако ова се случува постојано, посетете ветеринар.
5. Ве „масираат“ со нивните шепи
Кога мачките често ве допираат со нивните шепи, односно ве притискаат како да ве „масираат“, тоа е еден знак на задоволство и среќа и тие се обидуваат да си го намалат чувството на тегоби или пак вам сакаат да ве означат со својот мирис, затоа што и на шепите имаат мирисни жлезди. Ова инстинктивно однесување се јавува набрзо по раѓањето, кога малите мачиња ги допираат млечните жлезди на нивните мајки со цел да го стимулираат протокот на млеко.
6. Сакаат да лежат во кутии и други тесни простори
Не е невообичаено што вашата мачка и покрај тоа што има избор за лежење на многу места, таа го избира најтесниот простор, како што е картонска кутија или лавабо. Тие го прават тоа затоа што се чувствуваат посигурно во помалите простори. Во дивината, мачките мора да бидат тивки и сокриени за да преживеат, а спиењето на отворен простор ги прави повеќе изложени на нивните непријатели.
Од друга страна, криењето во некоја дупка прави потешко да бидат пронајдени. Затоа, наредниот пат кога ќе ја видите својата мачка како спие во кутија, можете да бидете сигурни дека се чувствува удобно. Мачките се фасцинантни животни! Со луѓето живеат веќе околу 10.000 години, а сепак сѐ уште го имаат зачувано нивното однесување, изгледот и повеќето особини на своите диви предци.
7. Зјапаат во вас
Поради очите на мачката која постојано зјапа во вас, вие може да се чувствувате непријатно, но не треба да се грижите затоа што таа не се обидува да ви го контролира умот. Со оваа постапка таа најверојатно се обидува да го добие вашето внимание за да ѝ дадете храна. Доколку не ја интересира храната, можеби само сака да знае што правите. Мачките комуницираат со различи гласови и тие брзо ги учат постапките на луѓето. Така, тие знаат дека отворањето на фрижидерот или пак шушкањето на некоја кеса значи храна. Покрај тоа, со позитивно поттикнување, односно наградување, мачките може да се тренираат.
8. Ве игнорираат
Во еден момент очите на вашата мачка се залепени за вас, додека во друг целосно ве игнорираат. Исто како и луѓето, така и мачките понекогаш сакаат да бидат сами. Кога со своето однесување таа ви покажува дека ѝ треба простор, тогаш оставете ја и ќе се чувствува посигурно со вас, знаејќи дека ги почитувате нејзините потреби. Откако ќе ѝ го дадете потребното време, подоцна мачката ќе почувствува потреба да ве побара и да биде во ваше друштво.
9. Не го затрупуваат својот измет
Доколку мачката не го затрупа својот измет откако ќе изврши нужда, тоа може да укажува на здравствени проблеми или проблеми со однесувањето, како што се инфекции на уринарниот тракт или повредени шепи. За да дознаете дали се работи за здравствен проблем, посетете ветеринар. Доколку не станува збор за здравствен проблем, тогаш можеби на вашата мачка не ѝ се допаѓа песокот што ѝ го ставате или пак не го чистите доволно често. Исто така постои можност тој простор да ѝ е премногу мал, па да не може да се врти во него. Ако имате повеќе мачки, треба да им поставите повеќе тоалети. Потребно е да имате еден тоалет повеќе отколку бројот на вашите мачки.
10. Плачат во текот на ноќта
Плачливото мјаукање на мачките во текот на ноќта, може да биде знак дека мачката има потреба за фаќање глодачи и инсекти. Нејзиниот обид да улови плен може да резултира со мјаукање поради возбуда или пак ако не успеала да го фати пленот. Осигурете се дека мачката има доволно игри и активности во текот на денот, така што ќе ја потроши својата вишок енергија и ќе ја потисне нејзината потреба за лов. Експертите советуваат да не користите ласер за игра со вашата мачка. Ако таа е постара, а често плаче во текот на ноќта, тогаш треба да ја одведете на ветеринар затоа што можеби се работи за некој посериозен здравствен проблем.