Џексон Лејк Ајленд: Морничав остров од соништата со напуштен и распаднат филмски сет
Доколку сте расположени за авантура која ќе ве наежи и воодушеви истовремено, Џексон Лејк Ајленд е вистинското место за вас.
Тим Бартон ја искористил мрачната атмосфера на овој остров израснат со треви и зеленила кој лежи на реката Алабама, како филмски сет за „Голема риба“ (Big Fish), фантастичен филм од 2003 година. Ликовите во филмот патуваат низ маѓепсаната шума и стигнуваат во град со навидум совршени куќи, улици и продавници, кога одеднаш се случува необичен пресврт.
Филмската екипа изградила цел филмски сет кој останал таму и по снимањето. Како последица на тоа, Џексон Лејк Ајленд е познат како село на срушените соништа, изедено од забот на времето.
Посетителите на овој остров остануваат изненадени кога ќе видат дека Џексон Лејк Ајленд е повеќе од обичен мрачен остров во распаѓање. Тој е всушност прилично светло и сончево место погодно за рекреација, познато по оригиналната „голема риба“ која го чека нејзиниот рибар. Посетителите можат да кајакарат, да кампуваат и да се дружат со пријателски настроените кози кои непрестајно талкаат по ова мало идилично парче земја.
„Кога ќе помислите на Алабама, не ви текнува дека може да отидете и на остров“, вели Боби Брајт, сопственик на островот заедно со неговата жена Лин. „Помислувате на многу нешта, но не и на остров“.
Истражувачите желни за авантура можат да го посетат Џексон Лејк Ајленд кој било ден од неделата, а сè што треба да направат е да влезат низ влезната порта на островот која нема чувар и потоа да го повикаат Боби за да им ја даде шифрата и да остават 3 долари во една уникатна старинска кутија.
Боби планира на островот да изгради куќичка на дрво оваа година и да поправи некои од распаднатите куќи останати од филмскиот сет на „Голема риба“.
Доколку сте љубители на нови, необични и неистражени места, како и на волшебните зајдисонца, дивите зеленила и морничавата атмосфера, тогаш без сомнение треба да го ставите овој неверојатен остров на вашата листа на места кои мора да ги посетите некогаш во текот на животот.