Две мистериозни книги ја предвиделе катастрофата на бродот Титаник
Приказната за луксузниот брод Титаник кој потона во ледените води на Атлантскиот Океан многупати била инспирација за филмски дела, документарци или некакви адаптации за комерцијална употреба. Катастрофата се случила на 15 април, во 1912 година и тогаш животите ги загубиле голем број патници, а оние кои преживеале, продолжиле да сведочат за моментите на паника, страв и безнадежност кои ги следеле до самото спасување.
Многу писатели ја искористиле приказната за Титаник да создадат нови литературни дела, како што е „A Night to Remember“, британска драма од 1958 година. Подоцна, во 1997 година на Бродвеј имало мјузикл за Титаник, кој освоил пет награди „Тони“, по што следеше апсолутниот бокс-офис хит на Џејмс Камерон, „Титаник“, со Леонардо Дикаприо и Кејт Винслет во главните улоги.
Но, постојат две книги, фикции, напишани пред да се случи тонењето, кои раскажуваат приказна за неуништлив брод кој потонува во ледени води. Во двете дела има толку многу коинциденции, што некои поддржувачи на теориите на заговор сметаат дека всушност го предвиделе несреќниот настан.
Првата книга е напишана во 1886 година, од Вилијам Томас Стед, истакнат спиритуалист и истражувачки новинар. Оригиналниот наслов на делото е „Како пароброд на поштата потона сред Атлантикот, од страна на преживеан“ (How the Mail Steamer Went Down in Mid Atlantic, by a Survivor) и раскажува приказна за безимен брод што тоне во Атлантскиот Океан. Главен лик е морнарот Томпсон, кој цело време е загрижен за тоа дека бродот нема доволно спасувачки чамци. Неговите стравови стануваат реалност кога ќе се судрат со мал брод во маглата. При спасувањето предност имале жените и децата, со што се спасиле едвај 200 патници од вкупно 700. Томпсон преживеал затоа што еден од спасувачките чамци случајно стигнал до него и тој бил извлечен од водата. Приказната завршува со поука дека никогаш не треба да се трга на пат по отворено море со недоволен број на спасувачки чамци.
Авторот, пак, животот го загубил во несреќна случка и за нештата да бидат побизарни, несреќната случка е токму тонењето на бродот Титаник, а неговото тело никогаш не било пронајдено. Уште поголема бизарност на целата приказна додава и фактот дека Стед цел живот велел дека ќе умре или од давење во вода или од јавно линчување.
Второто дело што на некој начин ја предвидува катастрофата на Титаник носи наслов „Кршот на Титан: Или, залудност“ (The Wreck of the Titan: Or, Futility) на Морган Робертсон. Приказната е фокусирана на бродот Титан, во тоа време најголемиот брод на светот, кој тргнува на пат во северниот дел на Атлантикот, се судира со леден брег и тоне. Но, сличностите не запираат тука. Димензиите наведени во книгата биле речиси исти како реалните димензии на Титаник, двата брода имале премалку спасувачки чамци, двата биле опишани како непотонливи и најинтересното, и фиктивниот и реалниот настан се случиле во студена ноќ во април. Најголемата разлика се однесува на бројот на жртви – во фиктивниот Титан, од 2.500 патници спасени биле само 13, додека пак во Титаник загинале околу 1.500 луѓе, а 705 ја преживеале катастрофата.
По реалната катастрофа, Робертсон често бил етикетиран како видовит, но тој за себе велел дека само едноставно имал многу познавања од областа на бродовите и поморскиот сообраќај.
Доколку уживате во мистериозното, чудното и бизарното, прочитајте ги и најголемите нерешени мистерии на светот.