Дванаесетте Апостоли – Австралиските карпи кои го одземаат здивот
Автор: Елена Пирузе
Ако некогаш имате можност да ја посетите Австралија тогаш задолжително треба да ги видите Дванаесетте Апостоли – прекрасните зданија кои се наоѓаат на Големиот океански пат во Викторија, Австралија.
Сместени во една дивина недалеку од Мелбурн, тие се една прелеста незаборавна глетка на еден огромен тиркизен океан, која не ви дозволува да се тргнете во ниеден момент. Карпи кои се приклештени силно во кафеавиот песок и кои тивко и мирно седат во океанот кој се бранува, додека вие останувате без здив. Можете слободно да слезете долу на влажниот песок по калливите стрмни скалила и да уживате во глетката одблизу и во разбрануваниот океан само на еден чекор од вас.
Огромен наплив од луѓе кои постојано се сликаат и позираат ве чека на една тераса која има фантастичен поглед кон карпите. Навистина вреди да позирате на тоа место коешто е спој од синило и зеленило и коешто е како од приказните. Место со прекрасен свеж воздух и инспирација којашто на секој човек му е добредојдена.
Поради силните бранови, од дванаесет денес за жал се останати само осум карпи. Дванаесетте Апостоли се дел од Националниот парк Порт Кембел и вреди да се видат затоа што се единствени во светот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.