Древни верувања на нашите стари: Децата родени во текот на зимата треба да ги носат овие прекрасни имиња!
Во дамнешни времиња, одредени особини, предности и недостатоци им се препишувале на личностите родени во одреден временски период. Некои од овие верувања се сочувани и до денешен ден. Ви откриваме неколку имиња кои во нашите краишта засекогаш ќе бидат врзани за зимата бидејќи таа кај нас е синоним за студенило, за снег, како и за новогодишни и божиќни празници. Во древните времиња децата родени во овој период се чувале доста добро за да бидат здрави и да не се разболат заради острата зима. Затоа и се случувало да добијат имиња кои би требало да ги „штитат“. Друга варијанта била имињата да се добиваат според светец или празник. Ви ги претставуваме најубавите имиња за деца родени во зимските месеци.
Никола/Николина
Децата родени во декември, околу Свети Никола, често добивале име по овој голем светец. Името Никола потекнува од грчкото име „Νικολαος“ (Николаус). Ова име во себе содржи два збора: „nike“ (победа) и „laos“ (народ), па може да се преведе како победник или оној кој носи победа.
Вук/Вука/Вукослава
Ова старословенско име, додека во минатото сѐ уште се верувало дека зборот има дејство на магија, се давало на децата со цел да ги заштитува од злите духови. Името по обичај се давало на машкото дете во семејството каде што владееле смртоносни болести, за болеста да избега од стравот од „волкот“. Слично, ако детето е родено во зимските месеци, ова име се давало за здравје и за заштита од студенилото.
Божидар/Божидарка
Божидар/ка е превод од грчкото име „Theodōros“ (Теодорос), кој пак е составен од зборовите „theos“ (Бог) + „dōron“ (дар). Ова име се давало на детето кога родителите долго и желно го очекувале, па конечно „Бог им го дал“. Исто така, името традиционално им се дава на децата родени на Божиќ или околу овој празник, како и на Водици, а истото важи и за имињата изведени од него – Божа, Божанка, Божена, Боженка, Божимир, Божимирка, Божина, Божица…
Андреј/Андријана
Името потекнува од грчкото име „Ἀνδρέας“ (Андреас), со значење „храбар, мажествен“. Во разни варијанти името е популарно во сите европски јазици, благодарение на тоа што така се викал еден од дванаесетте апостоли.
Стефан/Стефанија
Ова име со грчко потекло е варијанта од името „Στέφανος“ (Стефанос) чиј превод е „венец“ или „круна“. Во преносно значење името значи „оној кој е крунисан, кој е овенчан“. Им се дава на децата родени во јануари, околу празникот Свети Стефан, на 9-ти јануари. Други варијации на ова име се: Стева, Стевица, Стево, Стефана…
Васил/Василица
Васил е македонска варијанта од грчкото машко име кое потекнува од зборот „Βασίλειος“ (Василиос), што значи царски, кралски. Исто така може да ја означува и билката босилек која важи за Божји цвет и на која ѝ се препишуваат многу благотворни дејства. Ова име им се дава на децата родени во јануари, околу празникот Свети Василиј Велики.
Јован/Јована
Ова име има хебрејско потекло, а во својата оригинална форма се пишува „יוֹחָנָן“, а се чита Јоханан. Во превод значи „Бог е милостив“. Одамна е сеприсутно помеѓу христијанскиот свет. Ова е Библиско и календарско име, а се дава на децата кои се родени на празникот Свети Јован Крстител, на 20 јануари.
Сава/Савка
Малку поретко име во македонскиот јазик, со хебрејското потекло од зборот „صبا“ (Сава) што значи преобразен, праведен.
Снежан/Снежана
Снежана е име кое во оваа варијанта е популарно во Македонија, но е познато и помеѓу другите словенски народи во поразлична пишана форма, но со исто значење. Името е изведено од зборот „снег“, и иако машката варијанта одамна се изгубила, женската и понатаму е прилично популарна. Им се дава на децата родени во текот на зимата за да бидат нежни, убави и „бели како снегот“.
Очекувате бебе? Погледнете ги и овие машки и женски имиња од македонско и црковно потекло.
Vrska nema so Makedonski iminja
Во сите „оргинални грчки верзии“ на имињата има грешки. Зошто постирате без да се осигурате во точноста на информациите?