Дознајте ја вистината за животот на малите невести во Грузија
Грузија е една од земјите во Европа каде што се склучуваат најмногу детски бракови. Некои девојчиња имаат по само 12 години. Никој не е сосема сигурен колку малолетни девојчиња се мажат секоја година. Според некои податоци, најмалку 17% од девојчињата во Грузија се венчаат пред да наполнат 18 години, возраста на која е легално да се стапи во брак во државата.
Меѓутоа, родителите понекогаш не го почитуваат законот со тоа што не го регистрираат бракот додека не стане легален. Венчавките ги одржуваат во некои селски џамии и цркви и со тоа се смета дека парот е венчан од културен и религиозен аспект.
Фотографката Даро Сулакаури која пораснала во Грузија се сеќава на денот кога една од нејзините соученички се омажила на само 12 години.
„Се чувствував некако вознемирено. Знаев дека нешто не е во ред, но не можев да разберам што“, објаснува таа.
Овие чувства ѝ се вратиле на Сулакаури кога почнала да ги истражува проблемите на жените во Грузија. Таа почнала да се распрашува за детските бракови. По некое време, добила покана за свадба во едно мало село и на крајот од церемонијата, видела како младата невеста почнала да плаче.
„Не можев да разберам што чувствува. Дали беше тажна? Среќна? Според мене, таа беше многу збунета. Тогаш сфатив дека навистина сакам да направам истражување за ова“, изјавува Даро.
УНИЦЕФ го смета детскиот брак за „основен прекршок на човековите права“, а во Грузија оваа појава е многу честа. Станува збор за традиција стара со векови што не е ограничена на одредена област или религија. Иако причините за овие бракови се разликуваат од град до град, постојат одредени сличности. Младоженците се речиси секогаш постари, имаат завршено училиште и над 18 години. Обично, мајката на младоженецот ја почнува потрагата по невеста, но Сулакаури има сретнато парови кои се запознале преку пријатели, во училиште или на Интернет. Девојчињата не се секогаш принудени да стапат во брак, но сепак притисокот што го наметнува општеството е многу силен.
„Тие како да се препуштаат на текот на работите. Нивната прабаба, баба и мајка го направиле истото и се омажиле на многу рана возраст. Токму затоа, тие мислат дека така треба да изгледа нивниот живот, дека така треба да биде“, објаснува Даро.
Сликите од фотографиите на Сулакаури се грузиски Азери, припадници на етничко и религиско малцинство. Лејла е една од малите невести што ги запознала која се омажила на 12 години и живеела со сопругот и неговото семејство. Нејзината приказна ѝ оставила посебен впечаток на Сулакаури, која се сеќава дека Лајла била многу отворена во нивните разговори.
„Таа имаше толку многу соништа за иднината, за тоа каква би сакала да биде. Таа сакаше да го продолжи образованието и да постигне голем успех. Но, кога се сретнавме по една година, нештата беа поразлични. Таа стана домаќинка на 13 години. Нема да оди повеќе на училиште. На некој начин, животот е завршен за неа“, открива Даро.
Отпишувањето од училиште не е единственото нешто што остава траен белег на овие девојчиња. Сексуалното образование буквално не постои во Грузија и Сулакаури вели дека некои девојчиња воопшто немаат поим што подразбира бракот сѐ до првата брачна ноќ. Околу 76,6% од мажените девојчиња на возраст од 15 до 19 години не користеле никаков метод на контрацепција. Според тоа, не е никакво изненадување тоа што младите невести забременуваат веднаш по венчавката, а тоа може да доведе до секакви здравствени компликации кои го изложуваат на опасност нивното тело во развој.
Кога Сулакаури ги запознала овие девојчиња, не можела да престане да размислува за нејзиното детство.
„Моето детство беше многу поразлично. Можев да бидам дете, додека не решам поинаку. Сакав да им покажам на луѓето од мојата земја што се случува. Тоа може да поттикне промена. Можеби ќе почнат да разговараат за тоа и ќе согледаат дека тоа е погрешно, дека девојчињата се премногу мали“, заклучува Даро.
Иако проектот на Даро не може да го промени детството на невестите што ги фотографира, таа се надева дека ќе успее да ја промени иднината на другите девојчиња во Грузија.