Дискотека за пензионери
Во центарот на Киев, секоја сабота во подземната железница Театрална се собира голема група пензионери, со цел да се видат со нивните стари пријатели и малку да се подружат и забавуваат.Оваа подземна собиранка ја забележал фоторепортерот Глеб Гаранич, кој вели дека првпат се судрил со подземното диско пред 20 години, кога самиот бил 25-годишно момче, но тогаш не обрнал никакво внимание, зашто не му било интересно тоа што се случува. Неодамна, случајно се нашол на истото место, во истото време и забележал дека одеднаш има сосема поинаков став во врска со целата слика. Конечно се запрашал, зошто околу 200 луѓе се собираат 20 години, секоја сабота во метрото, за да танцуваат 4 часа. Сега Глеб се вратил со фотоапаратот за да ја раскаже приказната на овие луѓе, а особено убав впечаток му оставил еден пар, Николај Милевски (75) и Наталија Стољарчук (58), кои се запознале баш на овој собир и веќе скоро 5 години живеат заедно. Спротивставувајќи им се на своите години, двајцата и понатаму работат, бидејќи заедничкиот приход од нивните пензии, изнесува само 490 евра. Во подземната дискотека се оформиле уште 20 други љубовни парови. Колку е тоа само прекрасно!?
„Јасно е зошто пензионерите одат на овие собирања. Тоа е најдостапниот начин да го поминат нивното слободно време и да се дружат со луѓето.“ – напишал Гаранич на неговиот блог
Главниот проблем на старите луѓе во Украина е тоа што имаат впечаток дека не ѝ се потребни на државата, ниту на луѓето во своето секојдневие. Тие се генерација која израснала во СССР и повеќето од нив не можат да се прилагодат на поинаквиот животен стил во денешницата и не можат да се помират со нововоспоставените вредности и реалност.
„Тие не ја разбираат комуникацијата преку социјалните мрежи, но се сеќаваат на радостите од детството и младите денови, кога се радувале на трпезата богата со храна и пијалаци, како и на игранките до зори.“
Ова нивно реобединување ги враќа назад во младоста и среќните времиња, макар во мислите, само на неколку часа.
„Забележав дека многу од нив никогаш не се смеат, бидејќи дури ни игранката не може да им ги тргне мислите од секојдневните проблеми: неразбирањето со децата, лошото здравје, смрт на саканите личности, немаштијата и очајот.“
„Но, затоа некои од нив целосно се трансформираат додека играат. Одеднаш ви делуваат толку младо, исправено, со сјај во очите.“
„За многумина ова претставува ретка прилика да поразговараат со некои живи луѓе и да побегнат од самотијата.“
„Сосема исто како и пред 20 години, младите луѓе само јурат низ метрото. Тие кои се во нивните 30-ти или 40-ти години од животот, застануваат неколку минути за да ги гледаат танцувачите, додека постарите стојат да гледаат долго време и планираат да дојдат пак следниот пат. Чувствувам горчина, сфаќајќи дека цела една генерација од сосема друга епоха, полека си заминува…“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.