Диеталниот шеќер создава „фантомско“ чувство на глад
Многу луѓе кои се грижат за своето здравје и за својот изглед, консумираат диетални пијалаци или користат вештачки засладувачи за да го избегнат регуларниот бел шеќер. Но, едно ново истражување покажува дека таквата навика е штетна затоа што диеталните шеќери всушност предизвикуваат поголемо чувство на глад. Според новата студија спроведена во Австралија, научниците откриле дека лажните шеќери предизвикуваат хаос во мозокот при регулацијата на чувството на глад и на тоа како вашите сетила ги препознаваат вкусовите. Овие резултати можат да се приклучат кон останатите научни тврдења кои застануваат против употребата на вештачките засладувачи. Како научниците дошле до ваквите сознанија?
Тие во своето истражување најпрвин ги искористиле винските мушички. На мушичките им била дадена храна премачкана со вештачки засладувачи, резултирајќи со консумирање 30 проценти повеќе калории во споредба со нивната нормална исхрана. Но, тоа не било последица на нивната супер активност тој период, туку на нешто сосема друго. Второто тестирање било изведено на глувчиња. И тие добиле храна покриена со вештачки засладувачи, што довело да внесат многу повеќе калории во своите организми – поточно 50 проценти повеќе од нивната редовна исхрана.
Научниците веруваат дека тоа е така затоа што во центрите за наградување во мозокот, нивото на енергија во организмот и сензорите за слатко се поврзани. Па, така, кога одреден период не се синхронизирани, мозокот треба да се прилагоди. Тој му дава знаци на вашето тело дека е гладно, иако претходно сте изеле доволно храна. Затоа, пред да купите диетален пијалак или кутија со вештачки засладувач, имајте на ум дека по нивната консумација, многу брзо кај вас може да се јави „фантомско чувство на глад“, иако не сте гладни. Колку повеќе користите од тие производи, толку е поголема шансата да добиете прекумерна тежина, затоа што едноставно губите контрола над чувствата за глад и ситост.