Денес е петок 13-ти и има полна месечина: Што треба да очекувате?
Кога се поклопува полната месечина со петок 13-ти, како што е случајот денес, кај многу луѓе се јавува дополнителен страв. Имено, многумина ги откажуваат своите патувања, не одат на работа, а некои едноставно остануваат затворени во својот дом додека не помине овој ден. Значи, нема ниту купување, ниту шетање. Дали станува збор за ирационален страв или пак има нешто во тоа дека петок 13-ти е поврзан со лоша карма?
На секој петок 13-ти, во светот на бизнисот се забележува губење од околу 900 милиони долари, а ова е проценка на Центарот за контрола на стрес и фобии во северна Каролина (САД). На петок 13-ти несреќа доживеа и Коста Конкордија во кој загинаа 33 лица. Едно од познатите случувања е и „црниот петок“, мини несреќа на берзата во Америка која се случила на петок 13-ти во 1989 година. Колку е раширено верувањето дека бројот 13 е несреќен број, покажува и фактот што повеќето облакодери во светот немаат тринаесетти кат. Него најчесто го нарекуваат 12 А или пак луѓето едноставно немаат пристап таму. Многу хотели и болници немаат соба со број 13, а исто така во некои патнички авиони нема да најдете ознака на седиштето или редот со број 13. Постои 12, а потоа веднаш 14.
Интересно е тоа што во август 1899 година е роден и славниот режисер Алфред Хичкок. Да успеал да доживее сто години, неговиот стоти роденден би го славел на петок 13-ти. Исто така на овој датум, но во август 1926 година е роден и Фидел Кастро. Бројот 13 се смета за несреќен во нумерологијата, а се поврзува и со вештерки. Се верува дека Исус бил распнат во петок и дека Каин го убил Авел исто така во петок, па затоа со векови се сметало дека тој ден носи лоша среќа. Исто така се верува дека на Тајната вечера имало 13 луѓе, а тринаесеттиот гостин бил токму Јуда кој го предал Исус. Одредени личности кои ја проучувале Библијата верувале дека Ева го намамила Адам на забранетото овошје, токму во петок. Многу морнари одбивале да испловат во петок, затоа што верувале дека тоа носи несреќа.
Една студија објавена во британското медицинско списание,покажала дека на секој петок 13-ти се забележуваат 52% повеќе несреќи со мотоцикли, отколку на другите петоци. Шведските истражувачи исто така утврдиле дека во земјата на тој ден секогаш се случуваат натпросечен број инциденти, а исто така потврдиле дека повеќе несреќи се случуваат на петок 13-ти.
Суеверие со кое самите се ставаме во опасност
Но, докторката Каролина Ват од универзитетот во Единбург тврди дека за повеќето несреќи на овој ден ние самите сме виновни. Суеверие е дека еден ден носи одредена несреќа и го зголемува ризикот дека нешто страшно ќе се случи. Имено, на овој ден луѓето се повеќе загрижени и расеани отколку вообичаено, така што се зголемува и ризикот, па на тој начин изгледа дека петок 13-ти навистина е несреќен ден. Ват објаснува дека иста е ситуацијата и кога некоја личност мисли дека врз неа има некоја клетва. Таквите личности самите се доведуваат во опасност затоа што поради страв и верување во ова, им расте притисокот.
Кога се поклопува полната месечина и петок 13-ти, како што е денес, многу суеверни луѓе имаат дополнителен страв, затоа што полната месечина се поврзува со раѓањето на врколак, проблеми со спиењето, како и промени во здравјето и однесувањето на луѓето. Но, тоа нема никаква основа. Уште во 1985 година била објавена една студија во списанието „Psychological Bulletin“ каде што се следеле податоците од неколку болници, колку луѓе биле примени поради физички повреди, ментални нарушувања, убиства и други злосторства и тоа во текот на неколку месеци. Никакви промени во статистиките не биле поврзани со полната месечина. Врежано е и суеверието дека на полна месечина особено треба да бидат претпазливи бремените жени, поради ризик од предвремено пораѓање, но и тоа останува само мит. Истражувањето кое во 2001 година го спровело Американското астрономско друштво, анализирало 70 милиони родени бебиња во САД и не пронашло никаква поврзаност.
Па ако верувате дека денес ќе ви се случи нешто лошо, најверојатно самите ќе придонесете за многу од тие ситуации. Имајте на ум дека и денес е само уште еден ден во неделата, во месецот, во годината…
Доколку се интересирате повеќе за оваа тема, дознајте и кој е виновен за стравот од петок 13-ти.