Книга: „Дамата и еднорогот“ – Трејси Шевалие
Откријте ја мистеријата зад едно од најдобрите светски дела – „Дамата и еднорогот“, таписериите во кои секоја нишка има своја приказна
Наслов на оригиналот: The lady and the unicorn – Tracy Chevalier
Трејси Шевалие е родена во Вашингтон, но поголемиот дел од нејзиниот живот го поминала во Лондон. Пред да започне да се занимава со пишување, неколку години работела како уредник во издавачка куќа. И ден-денес вели дека за неа е вистински шок и изненадување секогаш кога ќе биде објавена некоја нејзина книга. Дипломирала на Англиски јазик и книжевност на „Оберлин Колеџ“ во Охајо, а подоцна магистрирала и на креативно пишување на „Универзитетот на Источна Англија“. Има напишано 7 новели, а меѓу нив е и феноменалната „Девојката со бисерна обетка“ која доживеа и своја филмска адаптација со Колин Фирт и Скарлет Јохансон во главните улоги. Нејзина омилена е сината боја која се користела во ренесансните слики, па не случајно првата новела на Трејси Шевалие е наречена „Девствено сино“. Моментално живее во Лондон заедно со нејзиниот сопруг и син.
Синопсис
„Дамата и еднорогот“ е базирана на вистински таписерии со истото име, а новелата се фокусира на приказната околку нивната изработка, како и животите на луѓето кои биле на некој начин поврзани со неа. Без никакви претходни заобиколувања, новелата уште на почетокот нè запознава со семејството кое ги нарачува таписериите и уметникот којшто треба да го изработи првичниот концепт.
Самата новела е поделена во глави, но сите се раскажани од страна на различни ликови и на некој начин му дозволуваат на читателот полесно да се поврзе со емоциите на секој лик поединечно. Дејствието е сместено во 15 век во Париз, а подоцна и во Брисел, а она што започнува како типична приказна за забранетата љубов помеѓу уметник и благородничка, открива многу подлабоки прашања поврзани со начинот на живот во овој период од историјата. Шевалие многу суптилно навлегува во односот помеѓу мајката и ќерката, вечниот судир помеѓу староста и младоста, како и улогата на жената и она што се очекува од неа.
Она што крутиот господин Жан ле Вист го бара од уменикот Никола Дезиносант – млад, самоуверен, но и доста талентиран заводник, е таписерија која ја прикажува битката кај Нанси, секако со цел да го воодушеви кралот. А она што го бара неговата жена Женевјев де Нантер е целосна спротивност од крвавата сцена, таа ја сака приказната за дамата и еднорогот, приказна за заведување, младост и страст, сè она што одамна веќе не го чувствува, а сè она што допрва ја очекува нејзината 14-годишна ќерка Клод. Така зачнува идејата за овие славни таписерии, кои од забранетите допири на Никола и Клод под масата во работната соба на нејзиниот татко, нè носи до магичната градина на слепата, но преубава Алиенор, каде Никола повторно ги става на дело своите заводнички способности.
Она што ги прави овие таписерии толку посебни е тоа што секој којшто учествува во нивната изработка на кој било начин, остава дел од своите желби да се испреплетат низ везовите. Особено Никола кој свесно или несвесно ги пренесува своите сексуални фантазии во своето дело и ѝ припишува на дамата од приказната дел од карактеристиките на жените кои толку ги посакува. Па така, кога таписеријата е конечно отсечена од разбојот, низ нишките црвена и зелена боја, низ златните и сребрени преливи, всушност се кријат копнежите и невозвратените љубови.
Лична критика
Многу критичари се на работ да ја категоризираат Трејси Шевалие како историски писател и можеби тоа е она што толку ме привлекува кон нејзините дела. Автентичноста на нејзините новели и леснотијата со која ме пренесува толку назад во минатото дефинитивно ја прави еден од подобрите автори кои ги имам читано. „Дамата и еднорогот“ е една од нејзините најстари книги, но ја избрав затоа што приказната зад неа и фактот дека станува збор за реално дело (таписериите денес се наоѓаат во музејот Клуни во Париз) ја прави безвремена. А и да бидеме реални, ние жените секогаш паѓаме на самоуверените уметници кои без нималку срам и со толку самодоверба ја заведуваат секоја девојка која ќе ја запознаат.
Она што можеби најмногу ме воодушеви е тоа што и покрај неговото безобразно и неодговорно однесување, Никола ги претставува убавите жени во неговите дела и на некој начин сепак ја изразува неговата почит кон нив.
Од друга страна, голем љубител сум на симболизмот во ренесансната уметност, а во оваа новела, впрочем во повеќето од Шевалие, е застапен во огромна мера. Секоја сцена од секоја таписерија има свое значење, начинот на којшто дамата го гледа, го гали, го храни еднорогот, секој цвет и секое животно скриено во грмушките носи своја порака. Па претпоставувам ме потсетува на фактот дека ништо не е онака како што изгледа и зад дури обична таписерија, се крие прекрасна и трогателна приказна.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Нанси е Нант, ако овде се зборува за францускиот град…
Битката кај Нанси се случила за време на Бургундските војни поточно на 5 јануари 1477 година, кога францускиот крал Луј XI го победил Шарл Смелиот. Нанси е главен град на регионот Лорена.