Дали знаете кои биле најважните трговски патишта во историјата?

Дали знаете кои биле најважните трговски патишта во историјата?

Некогаш, трговските патишта се користеле за поврзување на најоддалечените делови во светот. Оние кои патувале не носеле само материјални добра со себе туку и нови технологии како и нови погледи кон животот. Во продолжение прочитајте кои 5 древни трговски патишта ја промениле историјата на човечката цивилизација.

Дали знаете кои биле најважните трговски патишта во историјата?

Патот на чајот и коњите

Трговскиот пат познат како Јужен пат на свилата се протегал во должина од 2.200 километри од кинеските провинции Сечуан и Јунан преку Тибетската Висорамнина сè до Ласа. Оваа мрежа од патишта била создадена во 7 век кога жителите на „покривот на светот“ се заљубиле во чајот. Тибетанците го разменувале чајот со коњи кои му биле потребни на кинескиот император за новите воени походи. Со текот на времето, потребата за коњи се намалила, па така почнале да се нуди други производи за размена – од сребро и злато до тибетски пијалаци и мудри совети.

Трансахарски пат

Голем дел од трговските патишта во минатото минувале низ Сахара. Антички Египет градел трговски односи со Нубија, а Либија била главната „порта“ на Рим кон Црниот континент. Во 5 век од нашата ера, Берберите и Туарезите почнале да користат камили што во значителна мера го олеснило транспортот на стоки. За време на златната доба на трансахарската трговија, се тргувало со најразновидни стоки вклучувајќи слонова коска, животинска кожа, злато, пердуви од ној, ореви, но и робови.

Патот на темјанот

Како што вели и самото име, овој трговски пат бил наменет за транспорт на темјанот и миро (миризлива смола) кои најмногу се одгледувале во јужните делови на Арапскиот Полуостров (на територијата на денешен Јемен и Оман). Темјанот и мирото се добиваат како продукт од сокот од дрвото од родот Boswellia што се суши на сонце. Добиените грутки потоа се палат или се користат како парфем. Тие биле популарни и при погребните ритуали, особено при балсамирање на телото и биле користени од страна на Египќаните, Римјаните и Грците. Постои легенда дека императорот Нерон запалил едногодишна залиха на темјан за погребот на својата сакана љубовница.

Патот на зачините

Биберот, циметот, кардамонот, ѓумбирот и куркумата се сметале за скапоцени зачини во античко време, а нивниот увоз од далечните егзотични земји бил особено развиен во Антички Рим. Во 1 век од нашата ера, овој увоз ја чинел државата околу 50 милиони сестерци – на што се жалел Плиниј Постариот. Кога пак, визиготскиот крал Аларик I го опседнал Рим во 410 година, покрај злато и ткаенина тој побарал повеќе од еден тон бибер како откуп.

Патот на свилата

Кинеската династија Хан започнала трговија со Западот во 130 п.н.е., а егзотичните богатства од „Средното кралство“ патувале до Блискиот Исток, Црното Море и Медитеранот сè до 16 век. Караваните поаѓале од тогашниот главен град на Кина, денешен Шјиан. Покрај свила, се пренесувале и производи од порцелан, хартија, барут, уметнички дела, скапоцени камења, благородни метали, ориз, чај и егзотични животни.

Откако прочитавте за најважните трговски патишта во историјата на човештвото, можеби ќе сакате да ја прочитате и  нашата листа со 6 моќни градови за кои некогаш се патувало со години.

Извор: nationalgeographic.rs


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Вљубеничка во книжевноста, музеите и патувањата. Исто како и Борхес, рајот си го замислува како огромна библиотека.

Поврзани содржини